- Advertisement -
НовостиПравдаСветСветот на работникотСиндикат

Повеќе од 4 милијарди луѓе немаат социјална заштита – децата се најзагрозени

Социјална заштита - Работник
536views

Повеќе од четири милијади луѓе во текот на корона кризата немаат социјална заштита, што е 53 % од светската популација, се наведува во најновиот извештај на Меѓународната организација на трудот – МОТ.

„Пандемијата со ковид 19 го открила и дополнително го проширила јазот во социјалната заштита помеѓу развиените и неразивените земји. МОТ укажува на тоа дека одговорот на пандемијата бил нееднаков и недоволен и дека огромен дел од светската популација нема социјална заштита каква што заслужуваат сите човечки битија“, пишува Бета.

Под социјална заштита се подразбира пристап до здравствена заштита и осигурување на приходите за семејства со деца, постари луѓе, во случај на невработеност, болести, инвалидитет, повреда при работа, мајчинство или губење на главниот примател на приходи. 

„Земјите се на раскрсница. Ова е клучен момент за одговор на пандемијата кој би опфатил изградба на нови генерации на системи за социјална заштита базирани на правата на луѓето“, изјавил генералниот директор на МОТ Гај Рајдер. 

Светскиот извештај за социјалната заштита 2020 – 2022 година дава глобален преглед на најновите движења во системите за социјална заштита, го покрива влијанието на пандемијата, ги идентификува празнините во заштитата и поставува клучни препораки за политиките, вклучувајќи ја и врската со целите на Агендата за одржлив развој до 2030 година. 

Според извештајот, денес само 47 % од светската популација се покриени барем со најмалку една ставка од социјалната заштита, додека 53 % (4,1 милијарда) не остваруваат никакви приходи од својот национален систем за социјална заштита. 

Фото: EPA-EFE/YAHYA ARHAB

Евидентирани се многу големи регионални нееднаквости во социјалната заштита. Со мерките за заштита најмногу се покриени жителите на Европа и централна Азија (84%), жителите на Америка (64,3%), жителите на Азија и Пацификот (44%), арапските држави (40%). Убедливо најмала социјална заштита имаат жителите на Африка, 17,4 %. 

Ширум светот, голем дел од децата се уште немаат ефикасна социјална заштита. Само едно од четири деца (24,6%) ги користат бенефитите од социјалната заштита и 45 % од жените со новороденчиња примаат паричен надоместок за родителство. 

Само една третина од лицата со тежок инвалидитет (33,5%) ширум светот, примаат надоместок за инвалидност, а уште пониска е покриеноста со надоместоци на луѓето без работа, само 18,6% од невработените ширум светот земаат надоместок. 

На прв поглед подобра е ситуацијата со социјалната заштита кај постарите, бидејќи 77,5% од постарите од старосната граница за пензија примаат некој облик на старосна пензија. Меѓутоа, кај најстарата популација постојат големи разлики во пензиите по региони, рурални и урбани подрачја, како и помеѓу жените и мажите. 

Државната потрошувачка во светот на социјална заштита значајно варира, во просек, земјите трошат 12,8% од Бруто домашниот производ (БДП) на социјална заштита. 

Извештајот на МОТ укажува дека земјите со ниски приходи би морале да вложат дополнителни 77,9 милијарди годишно, за да на луѓето може да им се гарантира барем основна социјална заштита. 

„Постои огромен притисок од земјите да преминат на фискалана консолидација, по големите јавни расходи за мерките за одговор на кризата, но намалувањето на социјалната заштита би било многу штетно за луѓето. Напротив, сега е потребно дополнително вложување за да се поддржи подобрувањето на здравјето и образованието, да се обезбеди поголема рамноправност и почитување на основните права и да се помогне во одржувањето на економските системи“, рекла директорката на Отсекот за социјална заштита при МОТ, Шахра Разави. 

Порталот nezavisnost.org потсетува дека посебните мерки за промовирање на универзалната социјална заштита се истакнати во неодамнешниот глобален повик за закрепнување од пандемијата. Се работи за сеопфатен план за закрепнување кој во јуни едногласно бил поддржан од сите членки на МОТ, односно нивните делегации кои се сочинети од претставници на влади, синдикати и работодавачи. 

Извор: Politika.rs

Фото: (EPA-EFE/RUNGROJ YONGRIT)