- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Повеќе отпуштања ќе има во компаниите од автомобилскиот сектор кои имаат поголема трудоинтензивна дејност

Повеќе отпуштања ќе има во компаниите - Работник
346views

Автомобилската индустрија се соочува со големи економски потешкотии поради корона кризата. Големите автомобилски компании, како Јагуар Ланд Ровер, Бентли, Астон Мартин и тн., веќе најавија масовни отпуштања до крајот на годината.

Со оглед на тоа дека и во Македонија оперираат фабрики за автомобилски компоненти од странски инвестиции кои се дел од оваа индустрија, негативниот ефект е неизбежен. Некои од фабриките во Македонија затворија на некое време поради корона кризата. За да навлеземе подлабоко во оваа проблематика Порталот Работник побара став од Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори при Стопанската Комора на Македонија.

Advertisement

Од таму истакнаа дека во услови на пандемија поради коронавирусот, стопанството е соочено со еден од најголемите предизвици, а првите негативни знаци во оваа насока дојдоа од големите производители од автомобилската индустрија во земјава кои најавија привремено затворање на производството.

Велат дека истовремено, во услови кога случувањата поврзани со коронавирусот силно ги
погодија големите светски економии, логично е да се очекува дека и малите економии, како што е македонската, ќе претрпат несакани последици.

Advertisement

„Сепак, доколку ваквата состојба продолжи на подолг рок, се очекува значителен пад на странските директни инвестиции во земјава, намалување или целосно стопирањена производството на постојните капацитети на неодредено време, кое пак ќе предизвика дисбаланс на пазарот на трудот и драстичен пад на извозните перформанси“, велат од Асоцијацијата.

Истакнаа дека извозот од компаниите во зоните во јануари оваа година бил помал за 21%, во февруари за 3,12%, додека во март за 16,8% во однос на истиот период минатата година, пред да следи големиот пад во април и мај. Во првите пет месеци од фабриките во зоните извозот е помал за 38,9% во однос на првите пет месеци лани и изнесува 705,13 милиони евра.

Посочија дека трендот на пад на побарувачката во автомобилската индустрија започнал уште во
2019 година, а проблемите во синџирите на снабдување во автомобилската индустрија на глобално ниво, настанале откако во Кина уште во јануари се затворија многу фабрики по избувнувањето на коронавирусот во Вухан, како и по прекинувањето на бродскиот транспорт и зголемените трошоци за бродски транспорт и повисоките цени на електронски компоненти од европските дистрибутери.

„Сето ова во комбинација со намалената побарувачка за автомобили во критичните месеци, бидејќи ретко кој размислувал за нов автомобил среде таква паника, предизвика драстично намалување на производството на нови возила, следствено и намален капацитет на фабриките во земјава“, наведоа од Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори при Стопанската Комора на Македонија.

Според нив, се очекува падот на македонскиот извоз на автомобилски компоненти во 2020
година да биде некаде до 25% од планираното. Нагласија дека оние компании од автомобилската индустрија кои имаат повеќе трудоинтензивна дејност, ќе имаат повеќе отпуштања, а оние кои се капитално-интензивни ќе бидат помалку подложни на активности поврзани со намалување на бројот на работници и сл.

Во секој случај, велат, овде ќе се случува истиот тренд како и во Европа, а компаниите ќе мораат да носат деловни одлуки за оптимизација на работната сила соодветно на побарувачката и законските прописи, додавајќи дека компаниите од автомобилскиот сектор, но и другите компании со технолошки напредно производство неопходно ќе биде да се преземат активности во насока на итно и неодложно целосно усогласување на царинските стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошки напредни производи со соодветните стапки во Европската унија.

„Како држава имаме поголеми царини за увозот на многу компоненти што се потребни за производство на технолошки напредни производи, од оние кои се применуваат за увоз од трети земји во ЕУ. Ова ја прави земјата неконкурентна како локација за инвестиции за другите земји-членки од ЕУ и земјите од регионот и дополнително ги прави неконкурентни македонските производи, во споредба со земјите-членки на ЕУ“, посочија од Асоцијацијата.

Нагласија дека втората значајна работа за инвеститорите во земјава, кои голем дел се токму од автомобилскиот сектор, особено значајно е да се направат напори за подобрување на можностите за активна соработка на надлежните институции со постојните инвеститори и адресирање на нивните потреби (after-care).

Со цел амортизирање на ефектите од глобалната рецесија, компаниите ќе треба да се фокусираат на рационализација на трошоците, имплементација на нови технологии и иновативни решенија, како и на зголемување продуктивноста во работењето. Во наредниот период странските инвеститори кои оперираат во земјава нема да можат да се натпреваруваат со цена на работна сила, туку многу повеќе со квалитет, навремена испорака и напредни иновации, истакнаа од Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори при Стопанската Комора на Македонија.

Бобан Илијевски

Advertisement