- Advertisement -
КолумниНовости

„Повратниците од странство, нема да бидат повратници кога ќе се вратат во странство“

430views

Пред некој ден, од страна на државниот врв беше презентиран новиот Оперативен план за вработување за 2021 година. Морам да признаам дека мерките од планот изгледаат многу добро, но останува да се види колку од нив ќе се реализираат. За Оперативниот план предвидени се една милијарда и 516 милиони денари и ќе опфати 10,279 лица, иако согласно податоците на Агенцијата за вработување во февруари месец 18, 266 лица останале без работа во ек на пандемијата, што значи дека над 8,000 лица кои останале без работа како последица од коронавирусот, нема да бидат вклучени во Оперативниот план.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска најави дека и оваа година ќе продолжи Програмата за самовработување, со која ќе се обезбедуваат грантови во висина од пет илјади евра за еден самовработен или 10 илијади евра за двајца содружници. Таа нагласи дека грантот ќе биде доделен во вид на парични средства, со што, како што посочи таа, се забрзува процесот за започнување на бизнис. Ќе има и мерка за Поддршка за креирање на нови работни места, за која ќе бидат одвоени повеќе од 513 милиони денари, односно 8,3 милиони евра. Ќе се спроведе и таканаречена мерка Економија на грижа, со тоа што ќе има обуки и вработувања на лицата со попреченост и лица со хроночна болест, како и обуки за неврботени лица за стекнување на стручни квалификации и вештини.

„Невработените лица ќе посетуваат обуки што ќе траат три месеци за што ќе добиваат месечен надомест во износ од 9 000 денари, а обучувачите по 30 000 денари. Откако обуката ќе заврши лицата ќе се стекнат со соодветни вештини и знаења во наредните 10 месеци тие ќе обезбедуваат грижа за лицата со попреченост и лицата со хронични болести и за тоа ќе добиваат месечен надомест од 30 780 денари. Со оваа мерка планирано е да бидат опфатени 150 лица, објасни Шахпаска

Ќе продолжи и мерката Практиканство, која ќе опфати 1,413 невработени лица до 34 годишна возраст кај работодавачи од приватен сектор, меѓутоа и од граѓански организации.

„Оваа мерка обезбедува стекнување на работни вештини кај млади со минимум средно образование, без работно искуство со што се зголемува нивната вработливост. Продолжува исплатата на младинскиот додаток во износ од 3 000 денари месечно на 2 500 млади лица до 23 години вработени во директно производство, како и проектот Гаранција за млади“, рече Шахпаска.

Она што е новост е што на повратниците од странство кои се вратиле поради корона кризата, ќе им се даваат под 19,000 денари.

„Според објавениот оглас, работодавачите можат да добијат 19.000 денари месечно доколку вработат лице кое останало без работа поради корона-кризата, повратници од странство поради затворањето откако се појави Ковид-19, невработени со три и повеќе деца, осудени кои излегле од затвор, лица со попреченост, припадници на ромската заедница, самохрани родители и други категории. Секој работодавач ќе добие 19.000,00 денари по вработен за период од 3, 6 или 12 месеци, но по завршувањето на субвенцираниот период, ќе мора да го задржи работникот најмалку уште двојно подолго време од изминатото“.

Според мене, залудно е да се креира мерка за повратниците од странство, бидејќи тие поторно ќе се заминат од државите од каде што дошле, и тоа за многу брзо време. Со 19,000 денари месечно, нема да можат да се задржат овде, бидејќи во државите во коишто работеле сигурно заработувале многу пати повеќе.

Сепак, мора да се признае дека Оперативниот план на на прво поглед содржи добри мерки, а по мене од особена важност е онаа мерка со која на невработените кои не ги задоволуваат потребите на пазарот на трудот, ќе им се овозможат обуки за да се зголеми нивната вработиливост. Но, тука се наметнува едно многу важно прашање: Дали ќе сакаат невработените да посетуваат вакви обуки? Реално треба, но во пракса не е така.

Како и што напоменав погоре, останува да се види колку ќе се биде ефикасен овој Оперативен план.

 

 Бобан Илијевски