ЕкономијаНовостиСвет

Под мотото „Враќање на довербата“ во Давос од денеска до петок се одржува 54-иот Светски форум

   Време за читање 2 минути

Глобалната политичка и бизнис елита на едно место стартува Светскиот економски форум во Давос. Идиличното зимувалиште на швајцарските алпи – Давос, овие 5 дена е домаќин на повеќе од 2800 учесници, вклучително и преку 60 шефови на држави и влади.

Во момент, кога светот го потресуваат војните на Блискиот Исток и  Украина, тема на форумот меѓу светските лидери е – Повторно градење доверба, а во фокусот се Газа, Украина и вештачката интелигенција.

Во Давос се очекуваат да пристигнат кинескиот премиер Ли Чијанг и францускиот претседател Емануел Макрон, државниот секретар на САД  Ентони Блинкен, како и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг . Ќе пристигне и делегација на Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен, која пак утре ќе има официјално обраќање, а ќе учествува и на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“. 

Претставници од Руската Федерација нема, но официјална Москва испрати порака пред стартот на форумот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи го 54-от годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, порача дека нема смисла да се разговара за мир во Украина без Русија.

Состанокот на Светскиот економски форум, ќе се одржи во најсложениот геополитички и економски контекст во неколку децении, порача Борге Бренде, претседателот на организацијата, пред стартот на Форумот.  

– Во време кога глобалните предизвици бараат итни решенија, неопходна е иновативна јавно-приватна соработка за идеите да се претворат во акција. Овој годишен состанок ќе послужи како забрзувач на таа соработка, продлабочувајќи ги врските меѓу лидерите и меѓу иницијативите. – изјави Борге Бренде претседател на Светски Економски Форум.

Во Давос, ќе пристигнат и лидерите од Западен Балкан, а следните два дена, таму ќе биде и шефот на државата Пендаровски. Ќе учествува на сесијата за Западен Балкан, на неформалниот собир на светските економски лидери „Враќање на вербата во глобалниот систем“ и на официјалната вечера „Градење на Европа на утрешнината“. 

Извор: ТВ24