ИнтервјуаНовостиСветот на работникот

Поединечни и колективни тужби и продолжување на протестите доколку не го добијат зголемувањето на платите, најави Претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски

   Време за читање 9 минути

Доколку не го добиеме бараното зголемување, ќе има поединечни и колективни тужби и продолжување на протестите, бидејќи членството е крајно револтирано, вели Предраг Серафимовски, Претседател на синдикатот на клинички центар.

На моја и на иницијатива на Министерот за здравство, Фатмир Меџити направивме работна група, во која се вклучени и претставници на Фондот за здравство и експерти за финансиските импликации. Во работната група вклучени се и претставници од Синдикатот за здравство фармација и социјална заштита, рече Претседателот на Самостојниот синдикат на клинички центар, Предраг Серафимовски во интервју за порталот Работник.

Работната група се состанала во четвртокот, на која имало конструктивни предлози, вели нашиот соговорник.

„Се направија две методологии за усогласување на платите. Ние како синдикат на клинички центар имаме наша методологија, другиот синдикат има своја. Тука бараме некакво заедничко усогласување“, рече Серафимовски додавајќи дека разликата во барањата е мала.

Од синдикатот во петокот ја испратиле методологијата до Министерството за здравство.

Нивните барања се усогласување на платите со минималната плата на вработените во Клинички центар, притоа усогласувањето да започне од месец август. Посочи дека оние 10 % кои ќе ги добијат вработените во здравство, а кои произлегуваат од Општиот колективен договор за јавен сектор кој неодамна беше потпишан, треба бидат во тоа усогласување.

„Затоа што кај нас од прва до четврта група на сложеност сѐ уште се исплаќаат плати под минималната. Најниската плата е 15,900 денари и тие кои ја земаат, со покачувањето во септември нема да добијат речиси ништо, туку само малку ќе се доближат до минималната плата. Според членот 8 од Законот за минимална плата, сите треба да стартуваат со минимална плата“, рече Серафимовски.

Прашан за тоа колку се зголемени платите од пандемијата и дали биле исполнети ветувањата на Владата, Серафимовски рече дека тие постојано се залагаат за зголемување на платите на здравствените работници, меѓутоа во 2020 година, покачувањето од 10 % на годишно било предвидено од страна на Владата.

„Да не заборавиме дека тие ветувања беа за време на коронавирусот. Се знаеше дека има пандемија, инфлацијата се зголеми, а ние во последните 4 години од тие 40 % покачувања за здравство, имаме добиено само 10 %. Плус со покачувањето на минималната плата на двапати, кое беше повеќе популистички отколку како што се залагавме, направија продор во профили, односно ги израмнија платите. Хигиеничарите сега имаат речиси иста плата со средна медицинска сестра со 20 години стаж. Разликата помеѓу нивните плати е околу 1,500 денари“, рече Серафимовски.

Од синдикатот постојано алармираат во однос на порамнувањето на платите и поради тоа бараат усогласувањето конечно да се заврши пред ветеното покачување од 10 % во септември.

Доколку не се направи ова, вели Серафимовски, ќе следуваат поединечни и колективни пријави и тужби до Фондот за здравство и до Министерството за здравство.

Најави дека доколку не им се исполнат барањата да нема вработен што ќе биде под минималната плата, прстот ќе биде вперен во Министерот за здравство кој на работната средба во понеделникот претходната недела, без разлика на тоа колкави и финансии да се потребни, им рекол дека ќе се заложи за истото да го добијат. А постојат и големи шанси протестите на вработените да продолжат, бидејќи, како што рече Серафимовски, членството е крајно револтирано.

„Јас очекувам Министерот да си го заврши својот дел. Ние го завршивме нашиот. Му ги пуштивме анексите со коефициентите и методологијата за исплата во петокот. Финансиската импликација ќе биде околу 112 милиони денари месечно, што значи дека ќе бидат потребни помалку од 10 милиони евра“, рече Серафимовски.

За време на коронавирусот, здравствените работници за девет месеци добиле 5 % покачување кое било со кредит од Светска банка. Потоа добиле, како што ги нарече докторот „несреќни“ 2,000-3,000 денари бруто, што се околу 1,100 – 1,200 денари нето. Некои од здравствените работници добиле 4 %, а некои 8 % и 11 %. Овие пари, Владата сметала дека се покачувања за оваа фискална година, а истите биле поставени како барања од страна на синдикатот за усогласување за 2022 година, со зголемувањето на минималната плата од 15,000 на 18,000.

„Сега Министерката за труд и социјала ни кажува дека ние оваа фискална година сме добиле некое усогласување. Тоа значи дека ние како Клинички центар, како терцијално здравство, што е од посебна важност за државата, во 2021 и 2022, за време на пандемијата, немаме добиено ништо“, рече Серафимовски.

Посочи дека се знае кој го понесе најголемиот товар за време на пандемијата. „Изгинаа луѓе, од хигиеничари до доктори“, додаде тој.

Тие што во таа криза седеа дома, вели тој, добија зголемување на платите и до 30 %, посочувајќи на Министерството за финансии и Управата за јавни приходи. Напомена дека нема ништо против тоа што добиле зголемување и додаде дека и вработените во здравството заслужуваат поголеми плати.

Се осврна и на зголемувањето на платите од 78 % на функционерите, а и на тоа на уставните судии.

„Жално е сега што разликата во платите на судиите и докторите е речиси 3 спрема 1, а судиите за време на короната речиси и ништо да не работеа. Плус знаеме каква е довербата во јавното здравство (89-90 %), а колкава е недовербата во судството (98 %)“, рече Серафимовски, појаснувајќи дека толкава е довербата на Клинички центар според анализите кои се правеле за време на короната.

На прашањето за одливот на здравствени работници, Серафимовски рече дека не само во Германија и Швајцарија, туку дека тие заминуваат и во Србија, Косово и Хрватска. Посочи дека здравствените работници во Македонија се на дното со платите.

Интересно е што, како што вели, некои од здравствените работници кои заминуваат да работат во приватните болници во Македонија се незадоволни, па се враќаат во јавното здравство.

Според Серафимовски, потребно е да се изнајде решение за разликата во платите помеѓу приватното и јавното здравство да не биде многу голема. За ова, рече, било разговарано со повеќе министри во изминатите години.

„Не може приватното здравство да влече пари од Фондот за интервенции што се прават на Клинички центар. Ако прават некои други интервенции што не можеме да ги направиме на Клинички, тогаш Фондот нека им плати. Меѓутоа не може јавното здравство да стагнира, да се распаѓа и да нема доволно пари за лекови и за конци, а приватното здравство да влече огромни суми на пари од народот и дополнително да им наплаќа приватно“, истакна Серафимовски.

Во однос на формирањето на новиот струков докторски синдикат и Независниот синдикат во Клинички центар, Серафимовски вели дека има место за сите под „здравственото небо“, притоа посочи дека не е во ред да се биде ориентиран само кон една дејност и додаде дека тоа е обид да се направи раздор од внатре во Синдикатот на клинички, но и другиот при ССМ кој е репрезентативен. Тие како синдикат за залагаат за зголемување на платите на сите профили на вработени во здравството и не ги двојат по дејности.

Ако зборуваме за платите на докторите, вели Серафимовски, овој синдикат најмногу се има изборено за нив и тоа не треба да се заборави.

„Луѓето тука знаат кој е Синдикатот на клинички центар, знаат дека тоа е макотрпна, тимска работа во последниве петнаесетина години. Одрекувања, правење непријателства со министри и со политички партии, бидејќи не прифаќаме да бидеме обоени. Ние секогаш сме на страната на белиот мантил“, рече Серафимовски.

Тој истакна дека и во минатото имало обиди да се прават синдикати кои имаат политичка позадина, но завршиле неуспешно.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси