Пожарникарите би имале поголема ефикасност кога би биле под Министерство за одбрана – Интервју со Томе Цикарски, Претседател на здружението на професионални пожарникари
Кои се најгорливите проблеми со кои се соочуваат пожарникарите, што е потребно за да се подобрат состојбите, како и на други прашања, во денешното интервју разговараме со Претседателот на здружението на професионални пожарникари во Република Македонија, Томе Цикарски.
Разговараше: Бобан Илијевски
За што се залага Здружението на професионални пожарникари?
Здружението се залага за пожарникарството како служба да го заземе местото во општеството кое го заслужува, бидејќи истото заедно со полицијата и одбраната е во единствениот систем за заштита на Република Македонија. Како такво, бараме и се трудиме да го ставиме на пиедесталот во општеството, а со тоа пожарникарите би го добиле заслужениот статус на херои како извршители на оваа хумана професија. За таа цел користиме организирање на јавни трибини, семинари, кратки курсеви; држиме кратки курсеви во училиштата, курсеви за заштита на имот и лица и слично.
Со оглед на тоа дека сме невладина организација, во главно се финансираме од донации. Најчесто се обраќаме до поголемите компании кои за многу други работи имаат сенс и помагаат, но многу малку покажуваат општествена одговорност во делот на противпожарната заштита. И покрај тоа функционираме со наши средства.
Исто така, како дел од нашите активности, имаме остварено средби со директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, со Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, а имаме организирано и средби со градоначалници од неколку општини. На овие средби им укажуваме дека мора да обрнат поголемо внимание на противпожарните едници врз кои имаат надлежност, бидејќи пожарникарството се темели на три закон: Закон за заштита и спасување, Закон за пожарникарство и Закон за локална самоуправа.
Кои, според Вас, се најголемите проблеми со кои се соочуваат пожарникарите во Македонија?
Проблемите ги знаат сите, толку често се повторувани што мислам дека веќе ги знаат и децата во основно училиште. Еден од најголемите проблеми е недостигот на пожарникари. Според европските закони кои налагаат на секои 1,500 жителите по еден пожарникар, во Македонија треба да има вкупно 1,400 пожарникари, а пополнетоста моментално е околу 770 пожарникари. За да се реши овој проблем, треба само да се оди по теркот на полицијата. Тие секоја година организираат курсеви, бидејќи кај нив 10 % од вработените годишно заминуваат во пензија. Со курсевите кои ги организираат секоја година тие си го надополнуваат тој број. И тие имаат минус во својот состав, но не е изразен како што е кај нас.
Голем проблем е и староста на возилата. Познато е дека нивната старост е од 35 до 40 години. Во Ѓорче Петров, каде што јас работам, има еден ФАП кој го донесоа пред 35 години, кога јас почнав да работам. Му работи само моторот, а другото буквално сѐ подложно на чести поправки. Може да се каже проблем е и просекот на возраста на пожарникарите којашто иако во последниве години иако опаѓа, сепак поголем дел до нив се постари.
Проблеми пожарникарите особено имаат од донесувањето на Законот за локална самоуправа во 2005 година, кога со одлука на Владата, професионалните противпожарни единици поминаа од МВР во надлежност на едниците на локалната самоуправа. По овој потег драстично се намали квалитетот на работата. Едни добри десеттина година немаше никакви вложувања ниту во човечки ресурси, ниту во опрема, техника и возила. Бевме оставени да функционираме само со она што го имавме. Мислам дека одлуката да бидеме под локална самоуправа беше премногу рано донесена, бидејќи општините беа некако неподготвени. Ова донекаде е нормално поради тоа што некои општини имаат мали буџети со кои не можат да се справат со нивните локални проблеми, не па со потребите на противпожарните едници која како служба е многу скапа. Платите ни одат со блок дотации, но општините имаат обврска со новите вработувања и одржувањето на возилата и им е многу скапо. Како илустрација ќе кажам дека еден апарат за дишење од најновите, со сите европски стандарди и безбедносни сертификати чини некаде околу 16,000 евра. И сега ако видиме дека, на пр., Берово има 15 пожарникари и за секој од нив треба да се купи по еден ваков апарат, градоначалникот ќе рече овие не можам да ги купам за два мандати.
Покрај овие кои ги набројав, морам да кажам дека имаме и проблем со личната заштитна опрема. Мене лично, последната заштитна опрема, мислам дека ми е доделена во времето на Трифун Костовски. Значи, 15 години ние немаме набавено соодветна заштитна опрема. Зборувам за оделото, шлемовите се малку понови.
Тука морам и да напоменам дека имаме и проблем со систематизацијата на работните места. Имаме случаи кога на високи одговорни работни места се поставуваат несоодветни кадри. Таму треба да се обрне посебно внимание. Во овој дел ни се потребни едукативни програми за менаџирање. Нас ни требаат менаџери коишто ќе знаат да ја менаџираат службата. Досега се покажа дека ние имаме систематизација со која имаме предвидено командант, заменик, помошници…; меѓутоа во моментов немаме двајца помошници. Кај нас има и една, условно кажано, традиција – командантот да има повеќе позиции, а тоа мислам дека во менаџирањето не постои. На менаџерот се знае која му е обврската, да ги подели задачите и да ги контролира.
Значи, велите дека подобро е противпожарните единици да се вратат повторно под надлежност на МВР?
Мислам дека нема да има враќање под МВР, ова е моја претпоставка. Меѓутоа, во последно време се прават обиди, а така сега и ни се пушта плата, да бидеме под надлежност на Министерство за одбрана. 90 % од пожарникарите се согласни да се направи ова, бидејќи искуството со локалната самоуправа се покажа дека не е добро, не функционираме како што треба. И градоначалниците, поголемиот дел од нив, и тие се за тоа ние да бидеме под надлежност на Одбрана. Ова би било многу подобро, бидејќи би имало еден буџет за сите и би се набавувале возила од иста марка, со исти карактеристики, кои би биле многу полесни за одржување. Би имало и една хиерархија во која ќе се поделат обврските и ќе биде многу подобро за контролирање и за размена на информации, односно ќе можат да се прават краткорочни и долгорочни планови. На пример, за да се крене еден хеликоптер од одбраната во случај на шумски пожар, треба да се јавите на 20 места, а во случај кога би биле под Министерство за одбрана, тогаш одговорниот од кај нас ќе го побара тоа директно од министерот за одбрана и со тоа многу ќе се скрати процедурата, а ќе бидеме и поефективни во работата.
Што е потребно да се направи за да се подобрат состојбите во пожарникарството?
За подобрување на работите, освен едукативни програми во делот на менаџирањето, потребни ни се и вежби. Ние со вежбите и тренинзите сме веќе на некое ниво коешто е далеку од она на кое што порано се тренираше. Еден професионален пожарникар треба секојдневно да биде во функција и во добра кондиција, бидејќи не се знае кога ќе се случи пожар. Потребни се и редовни семинари, праќање на пожарникари на обуки во странство. За оваа служба да биде ефикасна, треба да се прават и планирања во делот на противпожарната заштита во зависност од територијата на општината. Локалната самоуправа би требало да си направи план за заштита од пожари – ако општината е во поголем дел покриена со шуми, треба да имаат пожарникари кои се обучени за справување со шумски пожари, за да не се случи повторно Берово. Ние имавме пожар кој започна во Делчево и чиј појас беше 32 километри до Берово. Тоа е еден голем пожар, кој да имавме поголем број, подобро обучени пожарникари со подобри материјално – технички средства, немаше да се случи. Но, тоа е пропуст на менаџментот. Пожарникарите ќе си ја завршат работата, но ако немаат правилна команда, ако не се искоодинирани како што треба со стручни луѓе кои си ја знаат работата, резултатите ќе бидат такви какви што се.