- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Пожарникарите во Скопје имаат два клучни проблеми: Недоволниот број на вработени и старите возила

Пожарникари - Работник
166views

Пожарникарите се несомнено едни од најсуштинските професионалци коишто и тоа како играат клучна улога во безбедноста на луѓето во градот Скопје, но и во целата држава.

За тоа во какви услови работат пожарникарите во Македонија, зборувавме со Командантот на противпожарната бригада на градот Скопје Владимир Симоновски.

Advertisement

Најпрво започнавме од она што е најважно за сите работници – платите. Симоновски истакна дека во времето на градоначалникот Коце Трајновски, пожарникарите тужеле за да им се исплатат 20 % за ризик и ги добивале тужбите преку судски пат.

На 26.11.2020 пожарникарите од градот Скопје потпишале правилник со градоначалникот, со што се подмириле судските трошоци и се стопирале тужбите, а платата била исправена и таа е дадена во декември со нова пресметка во кои се вклучени и тие 20 %. Симоновски нагласи дека сега се потпишуваат спогодбите за 2019 и ретроактивно за тужба. 

Advertisement

Дејан Исаевски, командир на одделение на бригдата за противпожарна заштита на град Скопје и член на иницијативниот одбор на бригадата, за порталот Работник вели дека платата на пожарникарите претходно изнесувала 18,900 денари, а сега со порамнувањето таа изнесува 22,500 денари плус додатоците на плата (работа во смени, ноќна работа, коефициент на сложеност итн.).

Исаевски истакна дека во февруари треба комплетно да бидат исплатени, а потоа платите да почнат да се исплаќаат редовно.

Инаку, градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов рече дека во јуни оваа година, во сила треба да стапат измените на Законот за пожарникарство, каде, како што рече тој, ќе бидат вметнати и барања на пожарникарите. 

Симновски вели дека пожарникарите во градот Скопје работат во одлични услови, додавајќи дека од 2019 па да сега, направена е комплетно нов објект – пожарна во Ѓорче Петров, според сите стандарди. Вели дека бил комплетно реновиран и потцентарот (потстаница) во Тафталиџе, а за некој месец треба да се стават и електорнски врати. 

„Реновирана е и потстаницата на Бит Пазар ентериерно. Во 2019 и 2020 се реновираше и станицата во Автокоманда, само треба да се доуредат спалните, но тоа останува во проектот за оваа година“, вели Симоновски.

Во однос на опремата на пожарникарите и техниката со која работат, Симонвски вели дека од 2019, од кога тој е назначен како командант е набавена целосна опрема, а оваа година ќе се набави опрема за интервентниот дел. Во 2020 година набевени се 100 комплети за заштита од шумски пожари и за техничка интервенција, за новопримените 30 пожарникари, како и дел за оние пожарникари на кои им се оштетени униформите.

„Направивме статистика за тоа колку униформи треба да се набават и сите коишто немаат интервенција добија униформи. Униформи се нарачани во 2019 година, заедно со обувки, за сите пожарникари, односно 260 парчиња облека (зимски пантолони, зимски јакни, летни пантолони, летни јакни, кошули, маици, џемпери и дукери). Зимските обувки чекаме да дојдат деновиве“, вели Симоновски.

Тој посочи дека опремата за работа на пожарникарите е целосно е набавена и чекаат деновиве да им дојде. Понудувачот е избран и ова е втора набавка на опрема. Вели дека заедно со опремата која треба да стигне деновиве, тие за две години набавиле 550 црева за гасење пожар, како и друг вид на опрема за потреба на пожарникарите. 

Истакна дека континуирано се набавува опрема секоја година, согласно потребите и според тоа што им недостасува, за да пожарникарите се доопремат.  

Симоновски рече дека за споредба, кога тој дошол на функцијата Командант во 2018 – 2019 година, немало ниту едно резервно црево, а сега има преку 250 резервни црева. Рече дека сега сите четири потстаници (Бит Пазар, Драчево, Тафталиџе и Ѓорче Петров) имаат по еден хидроуличен алат за раздвојување на возила при сообраќајна несреќа, а во главната станица во Автокоманда има два алати за ваква потреба. 

Од друга страна, членот на иницијативниот одбор Дејан Исаевски вели дека опремата на пожарникарите е добра, но посочи дека објектите, освен тој во Ѓорче Петров којшто е нов, не целосно ги исполнуваат условите за работа. Исаевски рече дека потребно е да има теретани во постстаниците, за да кога ќе немаат интервенција да вежбаат, појаснувајќи дека потребно им е да бидат физички активни. 

Симоновски гледа два клучни проблеми во противпожарната бригада коишто датираат години наназад. Едниот, како што вели, се однесува на малиот број на пожарникари. 

„Моментално сме 191 пожарникар, а според Закон за пожарникарство и последниот попис од 2002 година кога Скопје имало 550,000 жители, треба да има 389 пожарникари. Според Законот е на 1,500 жители да има по еден пожарникар“, вели Симоновски.

Тој истакна дека на крајот на овој месец или на почетокот на февруари треба да има уште еден конкурс преку кој би требало да се примат 30 нови пожарникари, нагласувајќи дека има волја кај младите да конкурираат за оваа професија, нагласувајќи дека на претпоследниот конкурс кога се примале 20 пожарникари, имало 76 кандидати. 

Тој вели дека вториот проблем е староста на возилата и вели дека градот потребно е да набави нови возила, бидејќи возила не се набавени до времето кога градоначалник бил Трифун Костовски, од тогаш само едно возило има набавено, додека вкупно се 46 возила, од сите типови.

Исаевски во однос на вработените вели дека бројот е мал и потребно е да се вработуваат нови пожарникари, но нагласува дека потребно е истите да бидат квалификувани, за да може да ја извршуваат работат правилно, со оглед на тоа дека станува збор за ризична работа.

Бенефицираниот стаж на пожарникарите е помал од оној на полицијата. Пожарникарите на една година добиваат плус три месеци, додека полицијата плус 4 месеци. 

Исаевски вели дека тие како вработени ќе бараат да се зголеми бенефицираниот стаж, бидејќи и нивната работа носи големи ризици. За тоа дека е порозична работата на пожарникарите, се согласува и Симоновски кој вели дека пожарникарите најчесто имаат интервенции во кои нивните животи се загрозени.

Во однос на синдикалното здружување, Исаевски вели дека поради незадоволството од двата синдикати е формиран иницијативниот одбор и дека потребен им е синдикат којшто навистина ќе се бори за работничките права.

Испративме прашања и до Градот Скопје, но до објавувањето на текстот, не добивме одговори. 

Колку за напомена, гасењето на пожари не е единствена работа на пожарникарите. Во склоп на нивната работа влегуваат и:

  –Отстранување на непосредната опасност за настанување на пожар;
– Спасување на животот на граѓаните и заштита на имотот загрозени од пожари и експлозии;
– Укажување техничка помош при незгоди и опасни ситуации;
– Извршување на други работи при несреќи и непогоди;
– Врши непрофитабилни услуги заради подобрување на техничката опременост и услови за работа, кои не смеат да го оневозможуваат или попречуваат извршувањето на функциите од претходните алинеи на овој став;
– Заедно со територијалните противпожарни единици на општините во РМ утврдени со закон, дејствуваат како противпожарни единици на Република Македонија заради оперативно делување при гаснењето големи пожари на целата територија на Република Македонија;
– Давање помош кога тоа е побарано при гаснење пожари во други држави;
– Водење посебна евиденција за настанатите пожари, експлозии, интервенции за гаснење и интервенции за други настани според единствена методологија и известување на Дирекцијата за заштита и спасување и Градот Скопје за тоа;
– Периодично испитување и проверка на исправноста на противпожарната опрема со која располага Територијалната противпожарна единица;
– Тековна поправка и одржување на механиката;
– Давање противпожарно обезбедување на објекти, делегации, јавни собири, спортски и други манифестации, во координација со Министерството за внатрешни работи;
– Врши обука од областа на противпожарната заштита на припадници на АРМ;
– Едукација на граѓаните за заштита од пожари, преку организација на предавања, преку медиуми и организирање на други активности.

Илустрација: Пожарникари во борба со пожар/ Фото: Pixbay

Бобан Илијевски

 

 

 

Advertisement