ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

ПОКРАТКАТА ЦЕЛОСНО ПЛАТЕНА РАБОТНА НЕДЕЛА МОЖЕ НА ДОЛГ РОК ДА ГО НАМАЛИ ЈАЗОТ ВО ПЛАТИТЕ

   Време за читање 6 минути

Најчесто за 8 март (Меѓународниот ден на жената) можеме да слушнеме како организациите кои се бават со заштита и унапредување на правата на жените велат дека постои значителен родов јаз во платите.

Што е родов јаз?

Родовиот јаз во платите, објаснуваат од независната истражувачка организација „Реактор“, се однесува на разликата во заработката помеѓу мажите и жените изразена како процент од заработката на мажите.

„Се пресметува врз основа на разликата помеѓу просечната бруто заработка на час и се земаат во предвид само претпријатијата со 10 или повеќе вработени“, велат од „Реактор“, и додаваат дека ова се однесува на т.н. неприлагоден јаз ви платите кој не ги зема во предвид сите карактеристики на пазарот на труд потребни за споредба на просечната бруто заработка на мажите и жените.

Од друга страна, прилагодениот јаз во платите овозможува поблиску да се оцени принципот за еднаква плата за еднаква работа или работа со еднаква вредност, бидејќи ги споредува жените и мажите во иста категорија. Ова значи дека тука се вклучени исти карактеристики – образование, работно искуство и други варијабили кои се важни на пазарот на труд.

ДЗС не произведува податоци за прилагодениот јаз во платите

Од клучно значење, велат од организацијата, е да се прибираат податоци за прилагодениот јаз во платите со цел да се докаже дискриминација. Ова е потребно од причина што споредбата на заработувачката на жените и мажите се заснова на групи кои се статистички изедначени со други релевантни варијабили и само родот е оставен како објаснувачка варијабила што ја произведува разликата во заработката што подразбира нееднаков третман на жените и мажите.

„За жал, Државниот завод за статистика не произведува податоци за прилагодениот јаз во платите и нема објавено ажурирани податоци за неприлагодениот родов јаз во платите речиси една деценија. Единствените достапни податоци се од 2010 и 2014 година, именувани како јаз во заработката меѓу жените и мажите, достапни во базата на податоци на МакСтат, но не во папката Полови индикатори, туку во Структура на заработувачка, што е дел од Анкетата за пазарот на труд“, велат од „Реактор“.

Податоците за јазот, претставен како процент, дополнително можат да се разделат по сектори на вработување, вработување на полно и скратено работно време и по возрасни групи, истакнаа од таму. „Пресметките се засноваат на податоците од истражувањето Структура на заработувачка на вработените кое дава податоци не само за платите, туку и за карактеристиките на пазарот на труд, како што се: род, возраст, занимање, стаж, степен на образование и карактеристиките на деловните субјекти, како што се економската активност, големината на деловниот субјект и регионот“, посочија од организацијата.

Последните достапни податоци за Структурата на заработувачката, велат, се објавени во соопштение за медиуми кое содржи податоци од 2018 година, вклучително и податоци за годишната бруто заработувачка поделени по род, но индикаторот за јазот во заработката не е ажуриран воопшто.

Родов јаз во пензии

Родовиот пензиски јаз е уште една потврда за постоечкиот јаз во приходите помеѓу мажите и жените, објаснуваат од „Реактор“.

„Родовиот пензиски јаз ја наведува разликата помеѓу просечната пензија на мажите и жените изразена како процент од просечната машка пензија. Според методологијата на Евростат ‘приходот од пензија вклучува старосни бенефиции, бенефиции за преживеани, како и редовни пензии од индивидуални приватни планови’“, наведоа истражувачите.

Државниот завод за статистика не објавува податоци ниту за родовиот пензиски јаз, појаснуваат од организацијата, иако податоците за ова можат да се најдат на страницата на Евростат, каде што последните се од 2019 година.

Индикаторот е пресметан врз основа на анкетата на ЕУ за статистики за заработувачката и животните услови, а последното објавено издание од анкетата за Македонија содржи податоци за 2017 година и е објавено во 2018.

Родов јаз

Што е потребно да се направи за да се намали родовиот јаз во заработката?

Од „Реактор“ издвоија неколку мерки коишто би требало да се имплементираат во нашата држава за да се намали родовиот јаз во заработката. Една од нив е мажите да бидат повеќе вклучени во секторот на грижа и да се подобри рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот.

Во прилог останатите мерки кои според „Реактор“ се потребни:

  • Преку соодветни образовни политики и програми треба да се поработи на намалување на стереотипите што се во основа на бариерите до порамномерна распределба на трудот.
  • Потребно е да се обезбеди универзален пристап до високо квалитетни, јавно финансирани услуги за целодневно образование и грижа за деца на возраст од 0 до 3 години за да се намали јазот поради отсуствата и трудот поврзан со грижа.
  • Пократка целосно платена работна недела (30-35 часа) за сите работници, мажи и жени, може исто така да го намали родовиот јаз во платената работа, на долг рок.
  • Универзално обезбедување долгорочни услуги за грижа на стари лица и лица со посебни потреби е исто така неопходно за да се гарантира рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот на оние кои се бават со труд поврзан со грижа.
  • Неопходни се кампањи за подигнување на свеста и поттикнување на мажите да ги користат мерките што ја унапредуваат рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот.
  • Потребно е ревидирање на тековната законска рамка и редовно следење и евалуација на имплементацијата и нејзините влијанија, како и усогласување со ЕУ Директивата за рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот.
  • Воведувањето на родово-одговорни политики и спроведувањето на планови за родова еднаквост во компаниите во приватниот сектор, исто така, може да поттикне инкорпорирање на овие планови во колективните договори.

 

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера