МакедонијаСиндикат

Поразително: 83,7% би се отселиле од Македонија

Поразително: 83,7% би се отселиле од Македонија-Работник
136views

Поразителни 83,7 отсто од испитаниците би си заминале од Македонија кога би имале шанса. Ова се резултатите од анкетата под наслов „Кога би можеле, дали би заминале од Македонија“ што Факултети.мк ја објави пред две недели. На прашалникот анонимно одговорија вкупно 1.474 читатели.

Интересен е податокот што во првите неколку часа имаше масовно одговарање на трите поставени прашања.На прашањето „Кога би имале шанса, дали би заминале од Македонија?“ одговорија 1.491 читател. Од нив дури 1.234 (83,7%) одговориле со „да“, 123 (8,3%) се двоумат, додека 117 испитаници (7,9%) би останале во Македонија.

Различни се одговорите за земјата каде што би се преселиле. Германија, Австралија, Канада, Франција, Холандија, Данска, Австрија, Скандинавија, Швајцарија, Словенија, Нов Зеланд, Шведска, САД, Англија… Има и вакви одговори: „Каде било, само не Македонија“, „Подалеку оттука“, „ Во земја каде што владеат закони и каде што има нормален здравствен систем и образование“.На прашањето: „Зошто би заминале?“ одговорија 1.054 читатели.

Најчестиот кус одговор е „за подобар живот“. Еден наш читател ја сублимирал целата реалност во неколку реченици:

– Катастрофално лошо функционирање на сите институции. Корупција, мито, непотизам. Голема злоупотреба на должностите и функциите што им ги доверила државата. Лоша инфраструктура, лоша организација во функционирањето на сите институции. Тие што се одредени да ја организираат работата и функционирањето на институциите се неспособни, корумпирани, алчни да заработат многу за кратко време. Не постојат долгорочни планови за развој и напредок. Корумпирана полиција, судство… Здравствениот систем многу лошо организиран, нефункционален. Образовниот систем корумпиран. Факултетите се натпреваруваат кој ќе им додели (продаде) повеќе дипломи на неспособни кадри! Способните, вредните, тивките, трудољубивите… се оставени на маргините, да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Извор: Bulevar.mk