- Advertisement -
НовостиПравдаСветот на работникот

Посебна заштита на бремените работнички, доилки и мајки

Посебна заштита - Работник
378views
Посебна заштита на бремените работнички, доилки и мајки
Законот за работни односи предвидува дополнителна заштита за бремените работнички, мајките и доилките како специфична категорија на вработени. Доколку работничката врши работа за време на својата бременост која потенцијално може да биде штетна за нејзиното или пак здравјето на детето, работодавачот е должен да и обезбеди вршење на друга соодветна работа и плата, како да ја вршела својата работа, ако тоа е поповолно за неа.
За времетраењето на бременоста и уште една година по породувањето работничката не смее да врши работи кои се со зголема опасност и може да влијаат на нејзиното здравје или пак на здравјето на детето. За тоа кои работи потпаѓаат под категоријата на работи кои не смее да ги извршува работничката пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот, но во согласност со министерот за здравство. За време на бременост или со дете до една година возраст, работничката не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе. Додека пак на работничката која има дете од една до три години возраст, може да и се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна писмена согласност.
При самото вработување, како и во понатамошната работа, работодавачот не смее да бара било какви информации за бременоста на работничката, освен ако таа самата не ги достави заради остварување на некои свои права за време на бременоста, во спротивно ќе изврши дискриминација која што изречно е забранета со закон. Доколку се појави спор помеѓу работодавачот или работничка, од оваа категорија, одлучувачко ќе биде мислењето на избраниот лекар, односно лекарска комисија.
Работничката не може да добие отказ за време на бременоста, освен доколку не го извести работодавачот дека е бремена, или доколку и завршува времетраењето на договорот за вработување (договор на определено време), при што тогаш и не станува збор за отказ, туку за престанок на работниот однос по сила на закон.