Почнува амандманската расправа за Буџетот, поднесени 272 амандмани
Од денеска (7 декември) почнува разгледувањето на амандмани за Буџетот за 2024-та година во матичното тело во Собранието. Претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Бојан Стојаноски на прес-конференција информира дека од се поднесени вкупно 272 амандмани, од кои 250 се од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за овој Предлог-буџет поднесе 250 амандмани преку кои сакаме да интервенираме и да поправиме нешто што сеуште може да се поправи. Во досегашната дебата колегите од СДСМ не ја прифаќаат реалноста за состојбите во Македонија. Јавниот долг е алармантно висок и на историско највисоко ниво, а економскиот раст ни е далеку под просекот наспроти земјите од регионот. Ова мора да се промени час поскоро, а тоа Ви ветуваме дека ќе се случи по изборите во мај, идната година“, рече Стојаноски.
Тој истакна дека на првиот ден од амандманската расправа ќе се разгледаат повеќе амандмани од кои ги издвои амандманите кои се однесуваат на намалување на ДДВ за електричната енергија, огревно дрво, храната, но и намалување на акцизата за горивата.
Предлог-буџетот за 2024 е проектиран на 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризираше како „развоен и одржлив“, но и буџет кој ги има сите карактеристики за „истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост“.
Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8 проценти е повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милјарда денари се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на 2023 година што, според Владата, ќе значи помало задолжување за околу 150 милиони евра.
Министерот за финансии пак, Фатмир Бесими, во своето обраќање рече дека буџетот е изработен во извонредно тешки глобални времиња кога е тешко да се предвидат работите. Според него се продолжува со политиките за намалување на инфлацијата, а одржливоста на Буџетот, според Бесими, се гледа во тоа што се продолжува со намалување на буџетскиот дефицит.
Во него се проектирани средства за понатамошно покачување на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, како и за покачување на пензиите согласно воспоставеното системско решение.
- Ова е можеби најодалечената, но и најслатката работа на светот: Потребни се луѓе за броење на пингвини на Антарктикот - 13/10/2024
- Боинг укинува 17.000 работни места и ја одложува испораката на 777X - 13/10/2024
- Неделков: Колективните договори ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари, платите кумулативно ќе се зголемат за околу 50 % - 12/10/2024