ПО ПОВОД 72-ЧАСОВНАТА РАБОТНА НЕДЕЛА: Како е воспоставено работното време од 9 до 5?
Подготвил: Бобан Илијевски
Американската работна култура се врти околу тоа вработените да работат осум часа дневно, пет дена во неделата. Неа ја овековечила Доли Партон во својата песна „од 9 до 5“ од 1980 година.
Тоа е само норма, претпоставуваат многумина. Меѓутоа, не било отсекогаш така. Начинот на кој САД стигнал до стандардот од осум часа не бил резултат на само еден синдикат или една индустрија, една компанија или еден закон. Напротив, тој настанал по долги и сложени комбинации на работнички акции, заговори, политички компромиси, пионери-работодавачи и економска конкуренција.
Во продолжение следува скратен преглед на тоа како американското општество го усвоило осумчасовниот работен ден.
Должина на работниот ден
Зборувајќи генерално, постоел постојан пад на должината на работниот ден од 1800-тите до Втората светска војна, со прилично стрмен пад во текот на 1920-тите, рекол економскиот историчар Бенџамин Ханикат, професор на Универзитетот во Ајова.
Работниот ден од 9 до 5 настанал во 1800-тите, благодарение на американските работнички синдикати кои се обидувале да ги заштитат правата на работниците. Тогаш вработените во производство работеле околу 100 часа секоја недела.
Во средината на 1800-тите години, според економистот Роберт Вејплес, професор на Универзитетот Вејк Форест, работата од 70 и повеќе часа седмично станала вообичаена. Тој направил детална временска рамка за еволуцијата на работните часови во Соединетите Американски Држави за здружението Economic History.
Со оглед на тоа дека луѓето тогаш обично работеле шест дена во неделата, тоа биле отприлика 12 часа дневно.
На почетокот на 20-от век имало примери на луѓе кои вложувале многу повеќе време од тоа. На крајот на Прватска светска војна, на пример, работниците во индустријата за челик обично работеле 84 часа неделно, забележува Вејплес.
„Овие ненормално долги часови биле предмет на многу осуди и штрајкови кои започнале во септември 1919. Штрајкот пропаднал, но четири години подоцна, US Steel го намалил работниот ден од 12 на 8 часа“.
Пионерите-работодавачи и шестчасовниот работен ден направиле забуна
Во 1926 година, компанијата Форд Мотор, под водство на Хенри Форд, вовела осумчасовна петдневна работна недела.
Потоа во Големата депресија, поради големата невработеност, во фокус дошла идејата за 6-часовна работна недела. Книгата на Ханикат, „Шестчасовниот ден на Келог“, зборува за тоа како баронот на житариците В.К. Келог во 1930, одлучил да воведе шестчасовна смена наместо осумчасовна, со извесно намалување на платите на работниците.
Овој потег на Келог му овозможил повторно да ги вработи луѓето кои биле отпуштени и да вработи други невработени луѓе. Бил мотивиран од убедувањето дека враќањето на повеќе време на работниците е општествено добро. Во рок од две години, работниците започнале да ја заработуваат сумата на пари кога работеле осум часа, рекол Ханикат.
Потегот на Келог привлекол нацонално внимание и набрзо дошло до обид шестчасовен работен ден да се воведе на федерално ниво. Но предлогот на закон кој имал за цел привремено да воведе 30-часовна работна недела, кој бил усвоен во Сенатот, пропаднал во Домот.
Набрзо после тоа, во 1933 година, новоизбраниот претседател Френклин Делано Рузвелт го потпишал Законот за национално индустриско опоравување, според кој работодавачите склучиле доброволни спогодби за воспоставување на работна недела од 35 до 40 часа и плаќање на минимална плата од 12 до 15 долари неделно. Меѓутоа, две години подоцна, Врховниот суд одлучил дека НИРА е неуставна поради одредбата која се однесувала на колењето на пилиња, пишува CNN.
Законот за пристојни работни стандарди
И покрај тоа што НИРА била поништена, законодавците и синдикатите продолжиле да се залагаат за подобри работни услови. На крајот од 1930-тите, создале нешто што денес го познаваме како осумчасовна петдневна работна недела. Ова било донесено заедно со поставувањето на федерална минимална плата и воспоставувањето заштита на детската работа.
Френклин Делано Рузвелт во 1938 го потпишал Законот за пристојни работни стандарди кој утврдил дека работодавачите мораат да ја плаќаат прекувремената работа на вработените кои работат повеќе од 40 часа неделно.
Пари или време?
Шестчасовниот работен ден на Келог кој бил популарен меѓу вработените кога бил воведен, не потрајал. До доцните 1950-ти, поголемиот дел од вработените одлучиле да продолжат со осумчасовното работно време. Жените и останатите продолжиле да работат шест часа дневно до средината на 1980-тите.
Ханикат интервјуирал неколку работници од компанијата Келог за тоа зошто се вратиле на подолгиот работен ден. Тие укажале дека потребата за повеќе пари секогаш ќе ги надмине изгледите за скратено работно време. Немале повеќе волја поголемата плата да ја менуваат за пократко работно време.
„Потребата за повеќе пари станала апсолутна. Слободното време е обезвреднето, повеќе не е нормално добро, не е дел од напредокот“, истакнал Ханикат.
Денес компромисот помеѓу времето и парите е еднакво релевантен за вработените лица, но со фуснота: пандемијата со Ковид -19 го променила рамислувањето на луѓето за тоа колку работата би требало да биде напорна, во однос на другите важни делови од нивниот живот, како што е времето поминато со семејството.
Како и многу други експерти од сферата на трудот, Ханикат се прашува дали вработените помеѓу генерацијата Зи и милениумците би можеле да донесат поинакви одлуки од претходните генерации.
„Искуството со пандемијата погодило некои акорди. Можеби постои начин да го живеам својот живот поисполнето и истовремено да ја работам својата работа. Повторно е на маса“, заклучил Ханикат.
Извор: BIZLife
Фото: Unspalsh