„Празниците се време кое сакаме да го поминеме со најблиските“ – реакции од вработени во маркети
„Владата, според одлученото на седницата, препорачува, за време на новогодишните и божиќните празници, односно на деновите 31 декември 2023 година и 1 јануари 2024 година, како и 7 јануари и 8 јануари 2024 година, да работат продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало. Вака гласи препораката на Владата која ја усвои на 214-тата седница одржана на 28 декември, а која предизвика револт кај вработените во маркетите и пошироката јавноста.
Редакцијата на порталот Работник во текот на вчерашниот и денешниот ден, анонимно и преку социјалните мрежи побара коментар од страна на вработени во маркетите за тоа што мислат за препораката.
Хахахах, коментар? Срамота и ние сме луѓе, и сакаме да одмориме, два дена, само два дена ништо повеќе.
Празниците се време кое сакаме да го поминеме со најблиските, семејството, роднините, пријателите, едноставно да се опуштиме. Празник празно носи ако се работи, ниедни пари не можат да го надоместат почитувањето. Празник е за сите.
Не смее никако да се дозволи да се работи на празници, а доколку сакаат тие од Владата нека повелат да работат. Сите ние имаме семејство и за нас е празник. Ние не сме роботи.
Ова беа дел од реакциите на работниците.
Некои, како што велат, целата ситуација ги принудила да дадат отказ од работа.
Толку голем револт направија што нѐ принудија одма да си дадеме отказ. И ние сме луѓе, имаме деца и фамилија и сакаме овие убави празници да си ги посветиме на најмилите, а не да бидеме упатени од работа и да не сме способни за ништо,
вели еден од испитаниците.
Вчера преку Фејсбук се огласи и Универзитетскиот професор и реномиран експерт по трудово право, Лазар Јовевски кој се согласи со тврдењето кое го изнесоа здруженијата за заштита на работничките права и синдикатите – дека со препораката, Владата го прекршува Законот за недела неработен ден.
„Секоја компанија која ќе ги задолжи вработените да работат на празниците во недела, а не спаѓа во дејноста на исклучоците од став 3 на членот 134 на ЗРО, не пријавила во трудов инспекторат и не добила посебна дозвола за работа во недела директно го прекршува Законот за работните односи и се изложува на ризик од казни и глоби!“,
истакна Јовевски.
Фото: Freepik