ЕкономијаМакедонијаСиндикат

Превозниците во ќош, ситуацијата ќе експлодира

Превозниците во ќош, ситуацијата ќе експлодира - Работник
782views

Остри реакции на Асоцијацијата на превозници Исток при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, за поскапувањето на патарините и нивно поставување на одредени патни правци.

Од Асоцијацијата истакнаа дека се соочуваат со разни реакции од нивните членови, а во врска со најавата за поскапување на патарините и поставување на нови патарини на одредени патни правци.

Според нив новите патарини на автопатите, како и зголемувањето на цените на патарините ќе се одрази и на автобускиот превоз, особено на превозниците коишто вршат внатрешен превоз, а следствено и на граѓаните кои го користат јавниот превоз.

„Дополнителните давачки за патарина, веќе ќе мора да се вкалкулираат во цените, што може да предизвика бран на поскапувања во делот на автобуските билети“, велат од Асоцијацијата на превозници.

Од таму наведуваат дека Асоцијацијата Исток во неколку наврати има доставено иницијативи и барања до Владата на РСМ, со предлози за олеснување на трошоците на превозниците, намалување на цените на патарините во насока на давање на попусти на превозниците поради континуирано користење на патарините – секојдневно и во повеќе наврати во текот на еден ден.

Велат дека сите овие предлози за одобрување на попусти беа дадени по пример и пракса од соседните држави – како пример можеме да ја земеме Србија којашто одобрува попусти за плаќање припејд и тоа до 30%, како и по пример на држави кои одобруваат попуст на странски превозници за припејд плаќање.

„Како асоцијација во која членуваат најголем број на превозници, апелираме до Владата сериозно да пристапи кон разгледување на можноста за доделување на попусти за превозниците заради амортизирање на поскапувањето на патарините“, истакнуваат од Асоцијацијата.

Велат дека зголемување на цената на превозот е согласно растот на трошоците при обавување на истиот, согласно методологија за пресметка на цена по километар со цел надминување на расчекорот помеѓу цената на превозот и реалните транспортни трошоци.

Од Асоцијацијата Исток наведуваат дека ако се земе во предвид дека превозниците коишто вршат меѓуопштински превоз на патници и по неколку пати во денот сообраќаат на иста релација на патен правец со патарина, за овој вид на превоз патарината влегува во основен трошок.

Објаснуваат дека поради овој факт, при формирање на цената за возен билет, а поради поставувањето на новите патарини, како и со поскапувањето на патарините пропорционално согласно зголемувањето на цените на патарините ќе мора да се вкалкулира трошокот по овој основ  во цените на возните билети по кои се врши превозот на овие патни правци и тоа со дополнителни 10% од моменталното чинење на билетите.

Истакнуваат дека поскапувањето ќе влијае на сите, а зголемувањето на патните билети најмногу ќе биде на штета на граѓаните како крајни корисници на јавниот превоз. Поскапувањето особено ќе го почувствуваат граѓаните што имаат понизок животен стандард и коишто секојдневно користат јавен превоз, па истите ќе бидат најоштетена категорија.

Додаваат дека поради намалување на ценовниот удар, потребно е одобрување на попусти, намалување на цените по категории на корисници- мали и големи корисници или пронаоѓање на соодветен модул којшто  нема да  предизвика значителни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија или врз другите јавни финансии, а граѓаните ќе го почувствуваат бенефитот од истиот.