НовостиСиндикат

„Се прекршуваат човековите права во медиумите“

   Време за читање 3 минути

Слободата на медиумите беше насловот на конференцијата која вчера се одржа во Тирана, а на која како главен и одговорен уредник на порталот Работник имав чест да учествувам и да го претставам порталот пред новинари и медиумски работници од Србија, Албанија и Косово, но и пред претставниците на Solidarity Center – организација која соработува со американските синдикати. Воедно, оваа организација беше и организатор на настанот.

На конференцијата се обратија повеќе новинари, но и синдикални лидери. Новинарот Дарко Шпер од синдикатот „Независност“ од Србија даде осврат на несреќниот настан во Нови Сад кога падна кровот од железничката станица, под чии урантини загинаа 14 лица. Тој кажа дека српските медиуми не го покриле добро тој настан, најмногу поради политичкото влијание.

„Хрватските медиуми ставија дисклејмер во кој стоеше дека тие ќе ги покриваат случувањата од тој трагичен настан поради тоа што српските медиуми не ги покриваат доволно“, рече Шпер. Неговото излагање во голем дел беше емотивно.

Во текот на конференцијата се зборуваше и за слободата на медиумите. Заедничкиот заклучок беше дека има уште многу да се работи за да се овозоможи поголема слобода.

Ситуацијата не е подобра ниту во Албанија кога се работи за слободата на медиумите, но и правата на медиумиските работници. Претседателката на синдикатот на новинари и медиумски работници на Албанија, Миранда Кастрати во изјава за порталот Работник рече дека синдикатот е активен веќе две години, но решение од судот имаат добиено во март оваа година. Во овој момент имаат 300 членови, но како што вели досега не било познато за албанската јавност дека синдикатот постои.

Ја прашавме и за тоа колку во албанските медуми се зборува за проблемите со кои се соочуваат самите новинари, на што таа одговори дек иронијата е во тоа што новинарите се занимаваат со сите општествени збиднувања, но не и за своите. „Проблемите околку опремата, ниските плати, егистенцијалните прашања остануваат на ниво на кафански муабети или лични муабети меѓу новинарите. Слободно можам да кажам дека и во албанските редакции има повреда на човековите права, не само на правата од Законот за работни односи“, рече Кастрати.

Поради сето ова, тие решиле да формираат синдикат за заштита на правата на сите медиумски работници во Албанија. Таа додаде дека постои скептицизам бидејќи новинарите се свесни за економската и политичката ситуација во една економски не-силна држава, но и дека сите се свесни за потребата дека треба да се организираат за заштита на работничките права.

Во моето излагање во текот на конференцијата се осврнав на порталот Работник и на тоа колку како медиум имаме придонесено во подигнувањето на свеста на работничките права.

На конференцијата свое обраќање имаа и Душко Вуковиќ од Сојузот на самостојни синдикати на Србија, Владан Обрадовиќ од истиот синдикат, претставници на албанскиот синдикат на медиумски работници и новинари од Косово.

Фото: SGPM

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.