Македонија

Премиерот Заев и министерот за образование и наука Адеми на отворањето на новото ООУ „Киро Глигоров“ (Видео)

Премиерот Заев и министерот за образование и наука - Работник
244views

Претседателот на Владата на Република Северна, Зоран Заев и министерот за образование и наука, Арбер Адеми денеска се обратија на свеченоста по повод пуштање во употреба на новото ООУ „Киро Глигоров“ во Општина Центар, објави владината прес – служба.

Во своето воведно обраќање, премиерот Зоран Заев во име на Владата на Република Северна Македонија, им посака безгрижни училишни денови на сите ученици и успешна работа на сите вработени во ова училиште, но и на сите ученици и наставници во нашата земја, и истакна дека има повеќе причини за да се радуваме за новото основно училиште „Киро Глигоров“.

„Ова е прво ново основно училиште во Општина Центар после цели 50 години. Името на училиштето го избраа граѓаните на општината. Со името на првиот претседател на нашата земја, Киро Глигоров, кој има достојно место во нашата понова историја, ова училиште донесе и постави нови стандарди. Светски, европски стандарди за тоа во какви услови треба да се остварува квалитетно образование како темелот за иднината на децата. На секое дете посебно. И како темел за создавање граѓани кои знаењето стекнато во најдобри услови, со посветени наставници, ќе го преобратат во сериозен придонес за развојот и благосостојбата на нашето општество“, рече премиерот Заев и додаде дека ова училиште е модел според кој ќе се градат сите идни училишта во нашата земја, модел според кој ќе се реконструираат сите веќе постоечки училишни објекти, како места за негување и почитување на различностите, на еднаквите можности за сите – вредности кон кои стреми нашето општество.

 

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми рече дека ООУ „Киро Глигоров “ e најмодерното училиште во нашата држава, а чест, среќа и задоволство за центарците, за оние кои живеат во околните маала, а чии деца, внуци, браќа и сестри имаат можност да ја почнат учебната година, особено првачињата, имаат можност да го започнат училишното образование на најдобар можен начин, во објект кој ќе биде дополнителен поттик за стекнување на повеќе знаења.

„Дополнителен поттик ќе биде овој објект за постигнување на што повисоки резултати. Овој пример на општина Центар треба да се следи и од другите општини и од другите локални самоуправи, и вака ќе бидеме и како централна власт, но и како локална власт, во иста насока за постигнување на заедничката цел, а тоа е поквалитетен национален образовен систем, поквалитетно образование, подобри образовни инфраструктурни услови за сите и постигнување на што повеќе, поголеми и позитивни резултати“, рече министерот Адеми и додаде дека Владата има капацитет да усвојува и дизајнира модерни законски решенија кои ќе бидат дополнителен поттик за постигнување на дефинираните цели и во новиот Закон за основно образование и новиот Закон за наставници и стручни соработници.

Извор: Vlada.mk