МакедонијаСиндикат

Синдикатот на такси превозници незадоволен од Владата

407views

Синдикатотот на такси превозници на град Скопје ги искажа своите незадоволства од страна на Владата на Северна Македонија, поради како што тие наведоа, неволноста да им излезат во пресрет на нивните барања, за кои тие претходно ги известиле преку писмено барање за остварување на средба со Премиерот на Северна Македонија. Тие веќе оствариле средби со Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, за наталожените проблеми, но и покрај ветувањата, не им излегле во пресрет на барањата.

Претседателот на Синдикатот за Транспорт и Врски, Зоран Дионисијев рече дека незадоволството кај такси превозниците е многу големо.

„Синдикалната организација на такси превозници, која опфаќа ¾ од такси превозниците на град Скопје, при гранскиот Синдикат за транспорт и врски, кој е во склоп со Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија во неколку наврати во изминатиов период се обиде низ средби со градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески да ги разреши наталожените проблеми. Иако од нивна страна имаше ветувања во претходниот период, за разрешување на настанатите проблеми, кои во изминатиот период се голема препрека за работењето на такси превозниците во град Скопје, за жал до ден денеска немаат преземено никаква активност, ниту покажаа некаква иницијатива за разрешување на настанатите проблеми,“ рече Претседателот на Синдикатот за Транспорт и Врски, Зоран Дионисијев.

Тој истакна и дека пред петнаесет дена Синдикатот се обратил и до Премиерот на Македонија, Г-дин Зоран Заев, но не добиле никаков повратен одговор. Претседателот ги повика надлежните органи, посериозно да зпочнат со решавање на наталожените проблеми.

Претседателот на синдикалната организација на такси превознинци при град Скопје, Ѓорѓи Мариновски, рече дека испраќа апел до надлежните органи по однос на нивните проблеми и барања, кои се сосема легитимни за ставање на ред во такси превозот во Скопје.

„Веќе подолг период се соочуваме со нелојална конкуренција и опстанокот на регуларните такси превозници во град Скопје е доведен под притисок за наше опстојување. Затоа еве денес јавно Ве повикавме да ги искажеме нашите барања кои што во изминатиот период се обидовме да ги решиме заедно со надлежните органи, но секогаш наидувавме на молк“, рече тој.

Претседателот на синдикалната организација на такси превозници наведе неколку од нивните барања до надлежните органи.

„Бараме подеднаквост при издавање на лиценца и секој освен лиценца за возило да има прикачено и идентификација на возачот на десната совозачка страна. Потоа, освен градските инспектори на терен да излезат и трудовата и пазарната инспекција затоа што имаме сознанија дека има непријавени возачи. Исто така, се додека не се среди сивата економија во такси превозот не прифаќаме фискални апарати со GPS бидејќи веќе сме фискализирани, а воедно не ја прифаќаме и жолтата табличка бидејќи со неа нема да можеме да излеземе надвор од државата поради несредени меѓународни договори за возење. Бараме и од полицијата кога ги носи возилата на вонреден технички преглед и да не казнува со високи казни и до 2.000 евра, затоа бараме наместо казна да има опомена и доколку возилото не е исправно, таксистот да го поправи во рок од 3 ден и да го плати само вонредниот технички преглед. Како и да се направат повеќе стојалишта за такси возилата, бидејќи постоечки немаат доволно капацитет за сите возила,“ изјави Претседателот на синдикалната организација на такси превозници.

На пресконференцијата присуствуваше Претседателот на синдикатот за транспорт и врски, којшто е гранков синдикат на Конфедерацијата на слободни синдикати на Макеоднија, Зоран Дионисијев, каде што членува синдикатот на такси превозници, како и Претседателот на Конфедерацијата на Слободни синдикати, Благоја Ралповски.

Мариновски истакна и дека синдикалната организација ги повикува надлежните органи за брзо решавање на проблемите, во спротивно, најави дека ќе го радикализираат нивното делување и ќе започнат протести во град Скопје.