ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Приказната за градот со најголемиот минималец во светот

Приказната за градот - Работник
76views

Швајцарија е многу богата земја, а кантонот Женева, дом на повеќе од половина милион жители е еден од најбогатите градови во Швајцарија, пишува Би – Би – Си. 

Што и не е чудно – се работи за место со изразено развиен банкарски сектор, седишта на низа меѓународни институции (меѓу нив и на Обединетите нации за Европа), но е и дом на богати аукциски куќи. Според процените на австрискиот завод за статистика, БДП – то по жител изнесува дури 100,000 франци годишно (околу 93,5 илијади евра). 

Богатиот кантон од овој месец ќе може да се пофали и со воведување на најголемиот минималец на светот. Конкретно, најмалата саатинина за работниците во женевскиот кантон ќе изнесува минимално 23 франци или околу 21 евро. Тоа значи минимална месечна плата, под претпоставка на полно работно време, од околу 4,000 франци (околу 3,736 евра), пренесува Jutarnji list.

Но, тоа не значи и дека оние кои ќе заработуваат минималец во Женева ќе живеат лагодно. За почеток треба да се напомене дека Женева е полна со работници во услужните дејности, од хигиеничари до келнери кои тешко врзуваат крај со крај секој месец. 

Кога Швајцарија во март месец била во локдаун, светот го преплавиле фотографии од Женева на луѓе кои стојат во редици пред банките за храна. Тие постоеле и пред да избие пандемијата, наведува Би – Би – Си. 

Colis du Coeur, една од таквите банки за храна, во центарот на градот секоја недела дели илјадници пакети со намирници. Редиците се долги, а во нив има полно мајки со деца. Потребата за поголеми примања, очигледно, постои. 

Многумина се прашуваат дали 4,000 франци се премногу?

Не ако живеете во Женева, објаснува волонтерката во банката за храна Шарли Хернандез. „Наемот на една соба ќе ве чини 1,000 франци месечно. Здравственото осигурување чини уште 550 франци, а на храна ќе потрошите минимално 500 франци. Ако имате две деца, со досегашниот минималец едвај ќе го преживеете месецот“, вели таа.

Новиот, зголемен минималец на некои луѓе и тоа како ќе им значи многу. „На крајот од месецот џеповите се празни. Да не беа банките за храна, не знам како би врзала крај со крај“, вели Ингрид која често доаѓа до банката за храна. 

Дури и некои од волонерите во банката за храна, како медицинската сестра Лори, велат дека со своите примања не можат да си дозволат да најмат стан во градот. „Да се обидам тоа да го направам, би живеела во многу мала соба, затоа и понатаму живеам со моите родители“, вели Лори. 

Но, многу претприемачи одредбата за зголемувањето на минималецот не ја прифатиле добро. „Хотелите, рестораните, кафулињата… Сите се соочени со големи предизвици поради пандемијата. Ова би можело да го загрози опстанокот на секторот“, смета Винсент Субила од Стопанската комора на Женева. 

Сопственикот на еден ресторан, Стефано Фанари, за една швајцарска телевизија рекол дека не може да продолжи понатаму со работењето ако треба перачите на садови месечно да ги плаќа 4,000 франци. 

Тој вели дека неговата плата како главен кувар изнесува помеѓу 5,000 и 6,000 франци месечно. „Немојте погрешно да ме сфатите. Не сум против тоа некој да заработува 4,000 франци месечно. Но постои граница, но оваа плата не можам просто да ја исплатам. Можам само да ја намалам саатнината на работниците. А јас за својата плата и тоа како многу работам, по 12 часа дневно. Многу се жртвувам“, рекол Фанари. 

Зголемувањето на минималецот во кантонот го наметнале самите граѓани на Женева кои прво собрале потписи за спроведување на референдум по тоа прашање, а потоа на него поголемиот дел, од 58 спрема 42 % гласале за зголемување на минималниот износ на саатнината. Според законот, нивната одлука за женевскиот кантон е обврзувачка.