- Advertisement -
НовостиСветот на работникот

„Приходите се несигурни, нема пензиско и здравствено“ – предизвици на фриленс новинарите

Дали се исплати да се работи - Работник
365views

Тешко е да се биде фриленс новинар во Македонија, со оглед на тоа дека со овој начин на работа не можат да се обезбедат константни приходи, од една страна, додека од друга страна, оние коишто работат како фриленс новинари немаат здравствено и пензиско осигурување.

Бобан Илијевски

Advertisement

Порталот Работник побара ставови од две новинарки, Ивана Настеска и Кристина Озимец кои имаат искуство со овој начин на работа. 

Ивана Настеска има дипломирано на отсекот Новинарство, на Правниот факултет во Скопје. Во текот на својата десетгодишна кариера има покривано теми од различни области, како: култура, Граѓанско општество, младински и политички теми.

Advertisement
Advertisement

За себе вели дека во континуитет ги надоградува технолошките вештини во сферата на новите и социјалните медиуми. Со новинарство започнала да се бави во 2008 година, а прва работа како новинар и била во неделникот „Форум“. Потоа преминала во новинската агенција „Макфакс“, дневните весници „Дневник“ и „Независен“  и веб порталот „Телеграф“. Таа била дел и од дигиталниот медиум „Види Вака“, а во моментот е вработена во „360 степени.

Од 2019 станала дел од Истражувачкиот филмски фестивал  – Скопје во организација на ПИНА.

Кристина Озимец исто така има дипломирано Новинарство на Правниот факултет во Скопје. Таа е истражувачка новинарка и е претседателка на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, а воедно и е на чело на организацијата на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје.

Озимец е насочена кон покривање на теми од различни области (политика, корупција, владеење на правото, човекови права и образование.

„Воопшто не е лесно да се биде новинар во Македонија, па така воопшто не е лесно да се биде ниту фриленс новинар“

Настеска за „Работник“ вели дека нема големо искуство како фриленс новинар, затоа што, како што вели, овој начин на работа ѝ се има случено во два – три наврати, најмногу во периоди кога згаснувале медиумите во кои работела, па фриленсингот и овозможувал да го задржи новинарското темпо, но и воедно да оствари приходи, додека не најде „постабилна“ работа.

На прашањето како е да се биде филенс новинар во Македонија, Настеска вели дека воопшто не е лесно да се биде новинар во Македонија, па така не е воопшто лесно ни работењето како фриленс новинар.

Ивана Настеска/Фото: Фејсбук

„Можеби во последниве неколку години, дел од нашите медиуми се отвораат за соработки со новинари и други медиумски работници кои не се дел од постојаниот тим на одредена редакција. Тоа се забележува од фактот што повеќе новинарски имиња се потпишуваат на содржини во различни медиуми и тука има некаков континуитет со месеци, а за некои и години“, вели Настеска.

Настеска посочи дека доколку медиумите и редакциите продолжат со отвореноста за соработување со новинари кои не се вработени кај нив, за неколку години би можело полесно да се стане фриленс новинар.

„Хонорарната работа не е најсигурна во недоволно флексибилни средини како нашата“

Озимец за „Работник“ вели дека фриленс новинарството има доста маани, но има и одредени предности. Како предизвици и проблеми ги издвојува: несигурноста во работата, немањето на пензиско осигурување, платено боледување или одмор, како и други бенефиции кои доаѓаат со договорите за вработување.

„Хонорарната работа за жал е најнесигурна особено во средини како нашата, кои не се доволно флексибилни за нетрадиционални начини на работа. Здравственото може да го плаќате и сами, но понекогаш институциите може и да ви задоцнат со изработка на рекапитуларите за исплата па така и покрај тоа што сакате да и платите на државата за здравствено, буквално можете и да останете одредени денови без здравствено осигурување. И тоа во време на пандемија.“ вели Озимец.

Таа истакна дека ова е реалноста за тоа колку е отворена оваа земја за фриленсерите и колку им го олеснува животот, а и колку ефикасно го сработува својот дел од работата. Во однос на предностите, Озимец вели дека фриленс новинарството дава можност да се изберат ангажманите и новинарските производи, како и да се планира работата согласно потребите, интересите и можностите на новинарот. Верува дека ова се пресликува и во слободата при изработка на медиумските теми, поради независноста во функционирањето и немањето на класични рамки во кои функционира новинарството во Македонија.  

За Ивана Настеска една од предностите на фриленс новинарството е во тоа што „чувствуваш дека си сам свој шеф, во смисла дека најчесто сам одбираш и предложуваш теми/содржини кои сакаш да ги работиш.“

Вели дека може да се одере во кој дел од денот сакаш да работиш, надополнувајќи дека доколку продуктивноста е поголема навечер, може да се работи тогаш. Новинарот може да работи и преку ден, онолку колку што ќе одреди.

Според неа, една од придобивките од фриленс новинарството е тоа што викендите и празниците се секогаш слободни, што, како што вели, не е честа појава кај редовно вработен новинар.

Во однос на недостатоците, таа вели дека има доста работи кои на фриленс новинарот му се ускратени.

„Прво, тоа што не си вработен исклучува две, за мене лично, важни работи – здравствено и пензиско осигурување. Понатаму, нередовниот приход може сериозно да влијае врз живеењето, особено ако не си толку млад и не го чекаш тој хонорар за да може да се забавуваш. Може да се случи и по неколку месеци да не успееш да уловиш ‘тезга’, а тоа значи дека тие месеци ќе бидеш без приходи“, посочи Настеска.

Има периоди кога има работа, но има и периоди кога работата е сведена на минимум

На прашањето дали работењето како фриленс новинар може да донесе поголеми финансиски бенефити од работењето на полно работно време во одреден медиум, Кристина Озимец вели дека во Македонија новинарските плати се доста ниски, потенцирајќи дека тоа е најмногу изразено во првите години од кариерата на новинарите.

„Платите се движат од околу 400 до 500 евра, некогаш и помалку за работа полна со проблеми, стресови, многу работни викенди и дежурства кои не се плаќаат прекувремено, работа полна со соочување со секакви притисоци, суети и реални опасности и изложеност на луѓето“, вели Озимец.

Кристина Озимец/Фото: Фејсбук

Дали е подобро во фриленс новинарството, искрено не знам, вели таа, бидејќи сите коишто работат на овој начин знаат дека постојат периоди кога има можности за доста работа, но има и периоди кога има голема несигурност околу ангажманите. Вели дека тоа веројатно многу зависи од личноста и е индивидуално и порачува пред да се донесе одлука за фриленс работа, да се земат во предвид сите овие аспекти.

„Во македонскиот медиумски простор не се знае кој пие а кој плаќа“

Настеска вели дека не е сигурна за тоа дека фриленс новинарот може да заработи повеќе од некој што е редовно вработен, особено ако е ангажиран од страна на нашите медиуми, подвлекувајќи дека можеби фриленс новинарот би можел да оствари поголема заработка ако работи за некои од светските медиуми.

„Во нашиот медиумски простор има толку многу нефер однос кон новинарите, што нај просто кажано, не се знае кој пие а кој плаќа. Дел од колегите со години работат непријавени, а им се бара да бидат ажурни како и редовно вработените – со сите дежурства за празници и викенди и тоа без законскиот празничен надоместок“ вели Настевска, потенцирајќи дека други се пријавуваат на минималец за газдите да ги избегнат повисоките давачки за приходите што треба да ги платат.

Таа спомена и дека платите се екстремно ниски, со оглед на тоа што повеќето новинари и медиумски работници земаат под просечната плата. Настеска заклучи дека редовно вработените новинари и фриленс новинарите имаат подеднакво проблеми од аспект на приходите.

Во однос на тоа што му е потребно на еден новинар којшто работи во конвенционален медиум да премине во фриленс новинарството, Озимец смета дека веројатно најпрвин треба да одлучи дали е подготвен/а за сите предизвици и несигурности кои ги носи овој начин на работа, каки длабоката промена во начинот на размислување за тоа како треба да изгледа работата, како може да изгледа на работниот ден, работната средина и придонесот кон работата.

„И секако отвореност за учење на нови работи, нови алатки за правење новинарство, нови начини на функционирање и многу љубопитност. Во средина каде многумина сметаат дека знаат се’, а малкумина се отворени за да научат нешто ново и да излезат од зоната на познатото, последново можеби е најголем предизвик. Мислам дека секој успешен фриленс новинар е отворен па дури и извежбан за учење и пробување на нови работи“, вели Озимец.

Настеска смета дека новинарите кои се научени да работат во редакции, тимски, многу тешко би се одлучиле да станат фриленсери. Од друга страна, како што вели, има фриленсери кои не сакаат да бидат ставени во некаква рамка на редакции со правила на игра за сите.

„И тоа се разлики кои секој ги доживува различно, така што мислам дека индивидуално е кој каде ќе се пронајде повеќе“, надополни Настеска.

Фото: Freepik

Advertisement