ИнтервјуаНовости

ПРОБЛЕМИ И РЕШЕНИЈА: СО ШТО СЕ‘ СЕ СООЧУВААТ ЖЕНИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧКИ ВО МАКЕДОНИЈА? (ИНТЕРВЈУ)

   Време за читање 18 минути

За тоа со кои проблеми се соочуваат жените претприемачки, кои се потенцијалните решенија на тие проблеми, колку се исполнуваат стратегиите и на други прашања, денеска разговараме со Претседателката на Националната платформа за женско претприемништво и Здружението на бизнис жени, Валентина Дисоска.

Со неа разговараше Бобан М. Илијевски.

Во продолжение интервјуто:

Работник: Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат жените претприемачки?

Дисоска: Ако ги земеме предвид законите и сите други документи ќе видиме дека законски немаме проблем. Она кое нас не спречува да влеземе во водите на претприемништвото се: менталитетот, семејните бариери и социјалните бариери. Ние имаме една оставштвина од минатото која вели дека жената треба да биде столбот на семејството и да се грижи максимално за децата и за старите лица, а мажот дека треба да биде столб на финансиското одржување на семејството.

Во денешно време работите се малку променети, со тоа што жената, исто така, може да придонесува кон економското јакнење на семејството, општеството итн. Меѓутоа она со кое сѐ уште се соочуваме е грижата и водењето на домашните обврски. Тука би рекла дека доколку една жена влезе во претприемачките води, таа може да работи по 8 или 10 часа дневно, меѓутоа на неа ѝ остануваат обврските за грижата за семејството. Доколку ние сакаме да развиеме општество во коешто ќе биде поддржано женското претприемништво, тогаш мораме да креираме различен менталитет и мораме да вложиме во едукација, за да направиме општество во кое и двата пола ќе можат да работат на семејните обврски, со цел да креираат општество во кое ќе може да се развива женското претприемништво. Тоа ни е главната препрека.

Следната препрека ни е недостатокот на финансии и имот. Финансиите покажуваат дека жената во своја сопственост нема средства, нема ни имот. Најчесто семејството не застанува зад неа кога ќе започнува со бизнисот и таа тешко наоѓа почетен капитал. Исто така, многу мал број жени имаат сопствен капитал, на пример, во руралните средини само 4 % од жените имаат сопствен имот, додека само 12 % од жените имаат свое селско домаќинство со кое стопанисуваат, а уште помал дел од нив одлучуваат што ќе се работи на селското стопанство или на својот имот. Тоа значи дека ние не можеме да тргнеме во претприемачките води доколку не сфатиме дека за тоа ни треба поткрепа од дома и од опкружувањето, како и доверба од семејството дека имотот ќе остане на жената.

Едукацијата е една од главните нишки со кои се среќаваме како препрека во претприемништвото и притоа не говорам за едукација на жената како едукација, туку говорам за едукација за претприемништво. Ние сме општество кое не потекнува од семејства во коишто во минатото се развивал бизнис, така што таа информација и тоа знаење не се пренесувало од колено на колено. Затоа ние мораме да се едуцираме за способностите за претприемништво, за да можеме да влеземе во истото, наместо да влегуваме како што тоа го правиме сега, со потреба на средства и притоа го наоѓаме најлесниот пат и креираме бизнис со тоа што ќе го направиме со она коешто знаеме да го работиме или имаме некакви вештини, па истото тоа го претвораме во бизнис.

За да се говори за бизнис клима и развој на женското претприемништво мораме да ги преминеме препреките дека бизнисот не е за жената, дека ние сѐ знаеме. Напротив – многу малку знаеме за бизнисите, за располагање со средства, за финансиска писменост, за менаџирање на процесите, за иновации, пронаоѓање на нови идеи, пазари, клиенти и видливост на брендовите. Сето тоа е нешто што мора да се знае, а претставува проблем при креирањето на бизнисот и неговиот раст.

Понатаму, она што би го навела како главна пречка во развојот на бизнисите е недоволната доверба на банките кај жените, за жените да можат да земат кредит. Или ако можеме тоа поинаку да го кажеме, би било – недоволната подготвеност на жените да одат и да ја презентираат својата идеја пред банките и инвеститорите, за да добијат средства за развој на сопствената идеја. Најчесто жените веруваат во својата идеја, но одат неспремни по кредит, без да се консултираат и најчесто се одбивани од банките зашто не знаат да ја продадат својата идеја. Недостасува и довербата од страна на консултантските куќи, недостасува соработката со нив, како и подготовка на претприемачките за пристап до финансии и тоа е нешто на коешто треба да се работи.

Работник: Кои се потенцијалните решенија на овие проблеми?

Дисоска: Потенцијалните решенија ги гледам во креирањето на овозможувачка околина. Тоа значи дека мора многу повеќе да се говори за претприемништво и за можностите од женското претприемништво. И тоа треба да оди од највисокиот врв во нашата држава, па се до најмалиот сегмент на локалната самоуправа. Ние мораме да говориме јасно и гласно дека претприемништвото и развојот на бизнисите можат да го направат ова парче земја попристојно место за живеење. Доколку ние ги споделуваме информациите, креираме поволна средина, доколку ги мотивираме луѓето да останат и да почнат сопствен бизнис, доколку им дадеме можност, за да го развијат, доколку ги едуцираме, доколку им го трасираме патот и помогнеме самите да си го најдат истиот, јас верувам дека ќе можеме да направиме едно пристојно место за живеење.

Е сега, тоа трасирање на патот и таа помош може да се подели на неколку нивоа. Владата, министерствата и различните институции креираат мерки и креираат можности, меѓутоа тие се на национално ниво и до некаде, но не до толку за да секоја една жена аплицира за да добие мерки. Затоа мора да се симнеме на локално ниво, како што направивме со Националната платформа за женско претприемништво, каде што разговаравме со сите локални власти во врска со женското претприемништво и каде што повеќето од градоначалниците, институциите и советите во градовите препознаа дека формирањето на некакво тело за развој на женското претприемништво во секоја од општините е добра алатка за развојот на таа локална самоуправа и тој плански регион. Со националната платформа и градоначалниците работевме во осумте плански региони и нивниот заклучок беше дека треба да се формира совет за женско претприемништво и веќе во десеттина градови во нашата држава имаме формирано совети за женско претприемништво.

Што значат тие совети? Советот за женско претприемништво креира Програма и Акциски план кои се финансирани од градот, што значи дека локалната самоуправа се грижи за развојот на женското претприемништво. Тука веќе се креираат поддршка во финансии, обуки и сѐ што е потребно. Можеби на некоја жена ѝ е потребна едукација за пристап до пазарот, можеби ќе ѝ биде потребно да оди на саем… Ова е направено во насока на тоа жената да не биде напуштена на патот на развојот на бизнисот. Да речеме, доколку треба да комуницира со некое министерство, бариерата и стравот се поголеми отколку кога треба да комуницира со локалните самоуправи кои им се ветер во грб на бизнисите.

Работник: Што можат да направат жените претприемачки за да се надградат?

Дисоска: Она што жените претприемачки можат да го направат е да си вложат во себе преку различни едукации, патувања, саеми, затоа што тоа е вратата кон отворањето на бизнисот. Сите ние знаеме дека доколку седиме дома нема ништо да ни дојде, па мораме да ја отвориме вратата. Ние како Здружение на бизнис жени и како Платформа обуките коишто ги правиме се за развој на бизнисите. Ги поттикнувам жените претприемачки да излезат од комфорната зона и да дојдат на настаните, затоа што само така ќе им се отвори мислата и ќе тргнат кон развој на сопствениот бизнис, бидејќи најчесто сме затрупани со секојдневни обврски и не ни доаѓаат нови мисли за развој на бизнисот. Поради тоа, потребно е да излеземе од комфорната зона.

Работник: Кои се досегашните успеси на Националната платформа за женско претприемништво во насока на унапредување на истото?

Дисоска: Јас ова ќе го преформулирам, бидејќи нашето работење започнува со Здружението на бизнис жени коешто е формирано во 2010 година. Од тогаш па наваму, активно работиме на јакнење на женското претприемништво на национално и локално ниво. На национално ниво имаме креирање на политики, а на локално креирање на одлуки, одржување на обуки, студиски патувања итн. Во 2019 година, заедно со Министерството за економија ја направивме Националната стратегија за женско претприемништво, а Владата на почетокот на годината ја усвои оваа стратегија. Во таа стратегија за женско претприемништво има реални ситуации, реални потреби и реални можности кои треба да се одработат, како и Акциски план. Во спроведувањето на Акцискиот план (од 2019 до 2023 година) со Здружението на бизнис жени активно работиме и во 2019 година ја формиравме и Националната платформа за женско претприемништво, каде што сме повеќе партнери. Тука сме ние како здружение, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Сојузот на стопански комори. Целта на овој проект е застапување и лобирање за креирање поволна клима за женското претприемништво и со овој проект досега имаме потпишано преку 250 декларации, што значи дека фамилијата на поддржувачи на женското претприемништво е запознаена и е веќе многу голема. Сите тие поддржувачи го креираат телото кое претставува Национална платформа. Со Националната платформа одиме кон креирање на совети во сите осум плански региони. Имаме локални хабови, во кои координаторките комуницираат со општините во зависност од потребата и можноста којашто ќе ја видат и креираат политики и клубови за женско претприемништво во зависност од можностите на терен. Тоа значи дека секој еден локален хаб функционира во рамките на одредениот плански регион и преку него комуницираат жените претприемачки, но и им овозможува комуникација со институциите и прави еден спој. Ако претприемачките и институциите не се разберат, никогаш нема да дојдеме до реални ситуации, бидејќи едни мислат едно, другите друго и ако не седнеме на една маса и не дискутираме, нема да го најдеме решението за развој на тој плански регион.

Откако се формираа тела, се прават стратегии за развој на планските региони. Тие стратегии во моментов се во изработка и истите ќе бидат документи кои планските региони и општините ќе можат да ги следат како буквар, за да можат понатаму да го развиваат планскиот регион. И од тука натаму ја оставаме на трасиран пат, по кој планските региони треба да продолжат. Овозможуваме и обуки од различни сфери (како на пример за Препознавање и преземање претприемачки активности, пристап до финансии и раководење со финансии, иновации, човечки ресурси, маркетинг… ) и креираме документи за развој на бизнисите коишто ќе им бидат од голема корист и истите ќе можат да ги најдат на Платформата. Понатаму ја препуштаме палката на институциите и на претприемачките.

Работник: Колку Националната стратегија за женско претприемништво се спроведува?

Дисоска: Стратегиите не функционираат кога нема никој да фати и да работи. Државата не може да работи, ако ние како невладин сектор не туркаме. Ние како Здружение на бизнис жени бевме иницијатор за правење на таа стратегија. Не можеме откако ја направивме да ја оставиме да стои во фиока во Министерството за економија, напротив, ги креираме нашите активности врз база на Акцискиот план што сме го напишале во Стратегијата, што значи дека самите на себе сме си направиле работа, што ќе ја работиме понатаму. И врз тој Акциски план е и оваа Национална платформа за женско претприемништво. Во тој Акциски план имаше четири столба. Во сите четири има различни активности кои и Владата и ние ги спроведовме. Да речеме дека дел од активностите се инкорпорираа во некои од програмите коишто ги спроведе Владата. Не можеме да бараме секогаш само за нас да има активности, туку бараме да не инкорпорираат во нешто што го прават. На пример, во Фондот за иновации и технолошки развој има средства за развој на нови бизниси, па ние побаравме во ФИТР да има повеќе бодови за жените претприемачки кога ќе аплицираат. Така е и со сите програми кои се наменети за претприемништво, односно во нив имаме издејствувано да има повеќе средства за жените претприемачки.

Понатаму, издејствуваме Заводот за статистика да воведе нови статистички податоци коишто се родово поделени, за да се мери женското претприемништво. И тоа не е едноставен процес. Беше потребно да се сменат два закони, а за да се сменат истите треба да одат во Собрание. Едниот закон е сменет. Сега чекаме да ни ја одобрат и промената на другиот. Тоа е долгорочен процес кој некој мора да го турка како институција или како организација. Добро е тоа што имаме препознатливост, па институциите реагираат на нашите барања.

Стратегијата е до крајот на 2023 година, сѐ уште немаме започнато со изработка на нова Стратегија, меѓутоа јас сум сигурна дека кога ќе побараме од институциите можност за тоа, ќе ни ги отворат вратите за да креираме нова стратегија. Јас лично љубам институциите да бидат нашиот партнер и заедно да ја истуркаме работата до таму каде што сакаме да ја поставиме, без притоа да правиме непријатели и да напаѓаме некого.  

Работник: Што треба да направат институциите, за да помогнат во процесот на развивање и унапредување на женското претприемништво?

Дисоска: Треба да бидат малку повеќе видливи во своето работење, за оние жени коишто сакаат да бидат претприемачки и оние кои се претприемачки да препознаат што има за нив работењето на институциите. Многу често се среќаваме со информации коишто се делумни или половни, кои излегуваат од институциите и кои кога жените ќе ги слушнат најчесто велат „ова не е за мене“. Потребно е да се смени начинот на комуникација на институцијата и да сака да допре и да може да допре до секоја една жена којашто сака да развие бизнис или којашто веќе развива бизнис; да ѝ ги предочи можностите и сите услови коишто ги имаме за развојот на претприемништвото. Тогаш верувам дека ќе имаме една позитивна клима и од страната на населението, жените, претприемачките итн.

Доколку немаме една здрава комуникација, каде што институциите ќе се оградуваат и ќе велат дека се најдобри и дека направиле сѐ, а од друга страна населението ќе вели ништо не направија, тоа значи дека тука има мис-комуникација. Потребно е да се свестиме, да видиме како министерствата и институциите комуницираат со населението и приватниот сектор. Еве сега, да речеме, се менуваат закони, но тоа што се работи од Министерството економија не е добро искомуницирано со приватниот сектор, меѓутоа тој не се ангажира нешто многу за да дознае што прават овие. И кога ќе дојдат промените на законската легислатива, од ведро небо им доаѓа на претприемачите дека нешто треба да сменат или нешто да сработат. Од друга страна, институциите викаат „ние направивме проект“, но тоа не е доволно. Мора да се развие комуникација помеѓу бизнис секторот и институциите, за да тие развијат меѓусебна доверба. Од една страна претприемачите да имаат можност да прашаат нешто кога не им е јасно, а од друга страна, институциите соодветно да ги искомуницираат сите работи кои ги засегаат првите.  

 

 

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *