Промена на власта мора да има, но додека не видам реализација на ветувањата нема да поверувам во ниедна политичка партија
Автор: Бобан М. Илијевски
Периодот пред парламентарни избори секогаш е исполнет со хумор, бидејќи политичките партии ветуваат брда и планини само за да го добијат гласот на народот и да седнат на таа удобна кожна фотелја.
Морам да признам дека воопшто не ме изненади изјавата на екс-премиерот Димитар Ковачевски дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе законски измени за да престанат да растат платите на функционерите на само неколку месеци пред денот кога ќе треба да излеземе пред гласачките кутии и да го дадеме нашиот глас за некоја од партиите. Добро, зарем досега не можеа да изнајдат решение? Имаа речиси цела година на располагање за да го решат ова, но нив сега им текна да поднесуваат законски измени. И сега што треба да правиме? Да речеме, супер ќе ви дадеме поддршка, бидејќи „пет до дванаесет“ ви текна? Можеби оние кои се нивни клиенти и кои секогаш им аплаудирале, ќе го прават тоа и сега, но обичниот работник, оној кој станува наутро во 7 часот и доаѓа дома во 16 или пак оној кој оди сменски, нема да падне на овој фол.
Но, не треба да не изненадуваат ваквите изјави и ветувања. До изборите има уште цирка два месеци, а дотогаш ќе слушнеме и видиме разни ветувања за намалување на корупцијата и криминалот, за раст на економскиот стандард и отворање на нови работни места од истата партија во чиј период на владеење потонавме во криминал и корупција и видовме едвај мало зголемување на стандардот.
Мое лично мислење е дека овие на власт треба да одморат малку на клупа, па на следните избори да излезат повторно, но со програма која можат да ја исполнат. Ова не значи дека очекувам нешто wow од најголемата опозициска партија доколку ја добие власта, но сметам дека мора да има промена.
Веќе одамна не верувам на ветувањата кои ги даваат политичките партии. Ќе поверувам само тогаш кога ќе видам дека се реализира ветеното.
- „Еј мајко му стара, абе овој што ми рече пред петнаест години да го ценам работникот во право бил…“ - 06/06/2025
- ЌЕ СЕ РЕШИ ЛИ НЕКОГАШ ПАРАДОКОСТ? Експертите велат дека потребни се законски интервенции и соодветна евиденција во Агенцијата за вработување - 02/06/2025
- (ВТОР ДЕЛ) ИНТЕРВЈУ – „Брзата и ефикасна правна рамка и инвестирањето се клучни во поттикнувањето на растот на платите во приватниот сектор“ - 29/05/2025