ЕкономијаМакедонија

Промовиран порталот за е-услуги. Граѓаните на едно место имаат пристап до 127 електронски услуги

Промовиран порталот - Работник
322views

Претседателот на Владата на Репубика Северна Македонија Зоран Заев и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, го промовираа Националниот портал за е-услуги.

Во моментот на порталот за е-услуги се достапни 127 електронски услуги. 57 услуги за прв пат се нудат електронски, додека 70 се веќе постоечки. Целта на Системот за единствена најава е дека преку еден портал, граѓаните и фирмите, користејќи едни и исти корисничко име, лозинка и дигитален сертификат, ќе имаат пристап до сите услуги од сите институции. Овој број секојдневно ќе се зголемува. Во моментов се работи и на други услуги од МВР, УЈП, МТСП, УВМК. До крајот на годината ќе имаме уште 20-ина нови услуги.

Како што истакна премерот Заев, на овој начин се исполннува уште едно ветување од Програмата за работа на Владата.

„Запишавме дека во третата година од нашиот мандат ќе биде воведен единствен електронски систем на кој ќе бидат поврзани сите државни институции. Целта на овој систем е да ги поврзе системите на институциите за давање јавни услуги и истите да ги обезбеди за граѓаните, преку едно централно место. Ова е уште еден чекор кон остварување на една од најважните реформски зафати, а тоа е реформата во јавната администрација, за создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права. Граѓаните и бизнис заедницата во центар, а административните службеници и институциите како нивен сервис“, рече Заев.

Информациите за огромен број на услуги од институциите и на централната, и на локалната самоуправа сега можат да се најдеат на едно место. Едноставно достапни, 24 часа секој ден, без лутање низ мноштво на веб страни и портали.

Порталот за електронски услуги  што денеска имаме пред нас е резултат на процес на мапирање на сите услуги предвидени во сите закони во државата. Тоа беше долга и макотрпна работа на многу правници. Како резултат на ова за првпат имаме Каталог на услуги. Сите услуги од сите закони, едноставно напишани и достапни на граѓаните да се информираат кои се нивните права, какви документи можат да достават, кои се роковите, колкава е цената, каде да се жалат… Се она што ги интересира.

Во моментот во каталогот се внесени 690 од вкупно околу 1.300 услуги кои институциите ги нудат на граѓаните и фирмите. Процесот на полнење продолжува и понатаму и набрзо ќе биде целосно комплетиран.

„Наша основна цел е порталот да биде единствената врска на граѓаните со институциите. Затоа направивме да биде пристапен преку било кој мобилен или десктоп уред приклучен на интернет. Порталот е достапен и на албански и на англиски јазик, а објавените услуги се однесуваат покрај на македонските, исто така и на странските државјани. Порталот се состои од јавен и приватен дел. Тоа што е важно за граѓаните е дека јавниот дел е достапен за сите, без потреба од било каква најава или идентификација. Тука можат да се најдат податоци за услугите кои ги обезбедуваат надлежните органи. Приватниот дел е достапен само за регистрирани и идентификувани корисници на Системот за единствена најава. По најавата, граѓаните ќе имаа можност да поднесуваат барања во електронска форма за добивање на е-услуга, да плаќаат за надоместокот и административната такса за е-услуги, да добиваат одговор на барањето и најважно да добиваат електронски услуги“, информираше министерот Манчевски.

Министерот Манчевски, ги претстави и начините за регистрација на порталот.

За да се регистрираме на порталот и да имаме пристап до сите можности што ги нуди, претходно потребно е да бидеме електорнски идентификувани. Тоа значи да поседуваме eID профил.

eID профилот го поврзува идентитетот на граѓанинот при процесот на регистрација. На овој начин, секој граѓанин само еден единствен пат ќе треба да ги провери и одобри своите податоци, кои се потврдуваат во  Регистарот на население. Сите граѓани кои имаат активна корисничка сметка во УЈП, веќе имаат активен eID профил, односно можат да се најават на профилот, користејќи ги корисничкото име и лозинката од УЈП. За нив услугите од порталот се веќе достапни.

На прес конференцијата се обрати и Фрек Јанмат, од Делегацијата на Европската Унија, од каде што финансиски го поддржаа порталот.

Извор: МИОА