ЕкономијаМакедонијаМакедонијаСиндикат

ПСМ: Пензиите ќе се зголемат само преку усогласување со порастот на просечната плата

ПСМ: Пензиите ќе се зголемат - Работник
383views

Во врска со најавеното зголемување на пензиите, Пензионерскиот синдикат на Македонија го поддржува најавеното покачување, но смета дека истото ќе се реализира само доколку дојде до измена на законот за ПИО, односно членот 37.

Пензионерскиот синдикат на Македонија при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС го поддржува покачувањето на пензиите, но смета дека истото ќе се реализира само доколку дојде до промена на членот 37 од законот за Пензиско и инвалидско осигурување, рече Претседателот на синдикатот, Марјан Спасовски.

Спасовски наведе дека долго најавуваното зголемување ќе биде остварливо само ако се врати старата одредба од членот 37 од законот за ПИО.

„За да не би се правеле полемики, ќе дадеме движење на просечната пензија од јануари 2017 до јануари 2019 и од јануари 2019 до ноември 2019 година“, рече Спасовски и во продолжение истакна дека во јануари 2017 просечната пензија изнесувала 13,721 денар, додека во јануари 2018, таа изнесувала 13,923 денари, или просечната пензија се зголемила 202 денари. Во јануари 2019 година просечната пензија изнесувала 14,436 денари и за истиот период е зголемена за 513 денари.

До 2018 година усогласувањето е вршено врз основа на индексот на трошоци за живот и индексот на порастот на просечната плата. Во текот на 2019 година, односно во период од јануари до ноември 2019 година, просечната пензија е порасната за 136 денари и изнесувала 14,572 денари.

Од ПСМ дадоа табеларен приказ за усогласувањето на пензиите од 2008 до 2019 година:

Година Усогласување од 1 јануари Усогласување од 1 јули Вкупно
2008 13,00 7,65 21,66
2009 3,50 2,02 5,59
2010 0,30 1,1 1,4
2011 0,75 2,1 2,86
2012 0,31% 1,4 1,71
2013 1,15 0,75 +5% 7
2014 5,00 0 5
2015 0 5% од 1/9 5
2016 0 5% од 1/11 5
2017 0,82 0,76 1,59
2018 1,69 1,8 3,49
2019 0,9 0,4 1,3

Спасовски додаде дека усогласувањето на пензиите согласно сегашното решение само со индексот за трошоци за живот не е соодветно и е потребно да се воведе процентуално усогласување и од порастот на просечната или минималната плата во сооднос 50:50, како претходното решение.