- Advertisement -
КолумниНовостиСветот на работникот

Работите на иста позиција, имате ист стаж, но тој/таа зема поголема плата – Зошто работодавачите фаворизираат одредени вработени?

960views

Бобан Илијевски

Незадоволството на вработените во приватниот сектор не е само поради ниските плати и лошите работни услови, туку и поради фаворизирањето на одреден вработен од страна на работодавачот. Често пати се случува во некоја компанија, особено мала или средна, каде што бројот на вработени е помал, да работодавачот фаворизира одреден вработен бидејќи „работи“ за него, односно е негова „десна рака“. Овој вработен ги шпионира останатите вработени и се му пренесува на работодавачот. Тој никогаш не е на страната на своите колеги, туку е на страната на неговата лична корист. Ова е еден начин на фаворизирање на вработени. Од друга, страна има случаи кога, на пример одреден вработен зема поголема плата од неговиот колега, со кој е во исто време влезен на работа, а со тоа има и ист стаж, но и работи на иста позиција. Во најголем дел од случаите, вработениот кој зема поголема плата од неговиот колега е фаворизиран од страна на работодавачот од повеќе причини. Можеби е некој негов близок или пак можеби го информира за тоа што прават другите вработени. Колку земаат пауза, колку работат, како работат итн.

Секој работодавач во приватниот сектор има право на вработените да им даде плата колку што сака и никој не може да му се меша, но со тоа што фаворизира еден вработен наспроти друг, со тоа создава незадоволство кај овој другиот. И да не се зборува гласно за тоа дека неговиот колега кој има ист стаж и иста работна позиција како тој, сепак ќе се дознае. Тогаш вработениот ќе помисли: „Зошто тој да зема поголема плата од мене, кога сме вработени во исто време, а и неговата работа не е ништо поразлична од мојата“. Следува губење на волја за работа, па на крајот отказ од работа, од негова страна.

Многу малку се зборува за фаворизирањето, иако по мое мислење треба да се стави голем акцент врз оваа појава, бидејќи е една од главните виновници на одливот на кадар, после ниските плати и лошите работни услови.

Вработениот кој ги шпионира вработените, најчесто зажалува за тоа, бидејќи никој нема да му помогне кога тој ќе биде ставен во неповолна ситуацијата и кога тој ќе биде шпионираниот, па поради тоа ги советувам сите оние вработени коишто ги шпионираат своите колеги, со цел да извлечат поголеми бенефити од работодавачот, да престанат тоа да го прават, бидејќи порано или подоцна ќе им се удри од глава, се разбира фигуративно. И да сменат работно место, тие повторно нема да бидат почитувани од своите колеги и ќе бидат оставани во „ќоше“ кога ќе им биде потребна помош, а кога – тогаш ќе им затреба.

Многу е важно да им го чуваш грбот на колегите и да се ставиш во нивна одбрана кога нешто ненамерно ќе згрешат, но доколку грешката ја направат намерно, тоа е веќе друга тема на разговор. Факт е дека со колегите се поминува најмногу време – осум часа секој ден, пет или шест дена во неделата. Доколку не сакаш да си близок со нив, држи дистанца, а доколку не сакаш да им помогнеш, не им одмогнувај. Доволно е само да се има почит, за да може да се функционира како тим, другото се е по индивидуален избор.