НовостиСветот на работникот

„Работи многу напорно“ – Во ред, но што правиме со срцето?

   Време за читање 4 минути

Подготвил: Бобан Илијевски

Во денешно време создаден е мит дека посакувано е да се биде работохоличар – дека тоа е доблест. Сепак, зависи како гледате на тоа и што за вас претставува работата.

Ако поради работните обврски се занемарувате себеси, своето здравје и благосостојба, како и важните приватни моменти – вклучувајќи ги оние со семејството и пријателите, тогаш дефинитивно би требало да ја преиспитате таа своја навика… или „доблест“.

„Тој/таа работи многу напорно“ е фраза која често се носи како орден во денешното општество кое брзо се развива и не „меле“. Тоа е предуслов и неоспорлива реалност за многу поединци кои тежнеат кон успех. Меѓутоа, под површината на тие амбиции, се крие потенцијална закана по нашиот највитален орган – срцето.

Изискувањата на немилосрдниот работен режим и брзиот начин на живот можат да предизвикаат значен пристисок врз кардиоваскуларниот систем, што може да доведе до штетни последици по здравјето на срцето, велат експертите.

Во ера, во која професионалните достигнувања и напредокот во кариерата високо се ценат, притисокот за постигнување на успех може да биде огромен. Токму оваа нерамнотежа помеѓу стресот на работа и грижата за себе, може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања.

Еден од примарните начини на кој прекумерната работа влијае на срцето е зголемувањето на нивото на стрес.

Прекумерната работа може да доведе до хроничен стрес, предизвикувајќи ослободување на хормоните за стрес како што се кортизол и адреналин. Продолжената изложеност на овие хормони може да ги зголеми крвниот притисок и нивото на холестерол, а двата се фактори на ризик за срцеви заболувања.

Бришењето на границите го зголемува ризикот

Важно е да имате стабилна рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот за нивоата на стрес да не го преминат „прагот“, бидејќи тоа може да доведе до долгорочни ризици по срцето.

На пример, ако работите од рано наутро до доцна попладне или навечер, всушност немате ни малку време да се посветите на себеси, а тоа значи дека немате ни време за физички активности или некоја друга активност (забава, дружење, опуштање). Понатаму, ако цело време седите, има голем ризик да се соочите со гојазност, а и со дијабетес и кардиоваскуларни заболувања.

Кога работните задачи ја ограничуваат вашата можност да се бавите со редовна физичка активност, тоа може да предизвика проблеми поврзани со срцето.

Често немилосрдното темпо на работата може да влијае и на изборот на храна, што потоа доведува до стекнување лоши навики. Брзо и лесно подготвените, во главно нездрави опции за исхрана – тип на оброци „за носење“ или достава, можат да станат вашата норма.

Таквата храна е богата со калории, нездрави масти и шеќери со скоро занемарлива содржина на протеини, влакна или здрави јаглени хидрати. Овие образци на исхрана можат да придонесат кон тоа да станете гојазни и да предизвикаат други проблеми поврзани со срцето.

Прекумерната работа може да ги наруши и образците на спиење, што доведува до неадекватен одмор за телото и умот. Според американскиот CDC, „возрасните кои спијат помалку од 7 часа секоја вечер, често велат дека имаат здравствени проблеми, вклучувајќи срцев удар, астма и депресија“.

Адекаватниот и квалитетен сон е клучен за опоравување и оптимално функционирање на срцето, така што прекумерната работа секако може да претставува препрека во доброто функционирање на нашиот највитален орган.

При сето наведено, јасно е дека „бришењето“ на границата помеѓу работата и приватниот живот заради прекумерна работа, може да ја наруши рамнотежата потребна за здраво функционирање на срцето. Хроничната преработеност остава малку време за опуштање, рекреација и квалитетно поминување на времето со саканите.

Накратко. занемарувањето на сите наведени аспкети може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања.

Извор: Telegraf Biznis

Фото: Shutterstock

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *