МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Работниците за работа во недела треба да се платат 500 отсто

Работниците - Работник
362views

Синдикатот за трговија на Хрватска (СТХ) и Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска (СССХ) ги повикале надлежните институции конечно да го регулираат работењето на продавниците во неделите.

Претседателката на СТХ, Златица Штулиќ потсетила на Европската социјална повелба која одредува дека секоја држава носи свои правила почитувајќи ја традицијата и заштитата на работниците. „Лошата организација на работното време и растот на бројот на работни часови често лошо влијае на работниците, што се одразува на нивниот приватен живот и здравствената состојба“, порачала Штулиќ.

Предупредувајќи на заминувањето на работниците од трговската дејност, ги повикала надлежните институции да се вклучат во решавањето на тој проблем, инаку во тој сектор поради недостаток на работници може да дојде до колапс, пишува „Вечерни лист“.

Штулиќ нагласува дека во малопродажбата 71 процент од вработените се жени, што е еден дискриминирачки фактор. „Тие жени не можат да го планираат семејниот, ниту приватниот живот. Недела во Хрватска, според договорот со Светата столица е неработен ден. Таа одредба не се применува, а зошто не се почитува меѓународниот договор кој има поголема правна сила од домашниот договор, не знаеме“, рекла таа.

Ограничување на работата или евентуално важно зголемени плати кои би ја дестимулирале работата во недела, предложил и Претседателот на здружението за трговија при Асоцијацијата на работодавачи на Хрватска, Мартин Евачиќ.

Поради големиот одлив на работна сила, но и поради незадоволството на вработените, работата во недела треба да се регулира, додава тој. Евачиќ смета дека доколку не би се работело во недела ништо значајно не би се случило, бидејќи потрошувачката би се прелила на сабота и понеделник. На работодавачите им порачал дека работниците треба да се платат 500 отсто за работа во недела.

Изразувајќи надеж дека синдикатите и работодавачите заедно ќе го решат проблемот и на Министерот за економија ќе му испратат порака дека е време во секторот трговија да се ограничи работењето во недела, Претседателот на СССХ, Младен Новосел порачал дека со тоа на илјадници работнници ќе им се овозможи поздрава работна средина.