Колумни

Работниците „на црно“ се најралнивата категорија во време на пандемијата од Ковид – 19

   Време за читање 5 минути

Автор: Бобан Илијевски

Први мај – Меѓународниот ден на трудот дојде и замина, но проблемите на работниците повеќе се влошија, најмногу поради пандемијата на корона вируост,но и бркањето од работа од страна на газдите кои мислат дека оваа криза ќе трае вечно. Како и да е, во ова мое писание сакам да ги посочам проблемите на најранливата категорија на работници кои во оваа пандемија ги претрпеја најголемите последици – неформалните работници или работниците од неформалната економија. За оние кои не знаат што точно значи неформална еконмија, еве една дефиниција: „Неформалната економија е дел од било која економија којашто не подлежи на даноци и не е мониторирана од страна на владите. Иако неформалната економија сочинува значаен дел од економиите во земјите во развој, понекогаш се стигматизира како недозволива или незамислива“ (Википедија).

Неформалната економија значи работење на црно, што самото по себе подразбира дека неформалните работници не ги уживаат истите бенефиции како и работниците од формалната економија. Овие работници немаат ниту здравствено и пензиско осигурување и не им тече работен стаж. Најчесто овие работници подлежат на секаков вид на омаловажување од страна на газдите, бидејќи немаат никаков вид на договори за работа на кои се се темели работниот однос. Според Меѓународната организација на трудот, 1,6 милијарди работници од неформалната еконмија , на глобално ниво се погодени од пандемијата на вирусот Ковид -19, што е половина од глобалната работна сила.  Мое лично мислење за тоа зошто е толкава бројката е тоа дека овие работници се „лесни за бркање“ од работа поради тоа, како што споменав погоре, немаат никакви договори за работниот однос, а тоа значи дека газдата може кога сака да ги избрака од работа и да ги замени за некој друг работник кој поради немањето на финансиски средства за да си овозможи себеси и на своето семејство пристоен живот ќе се согласи да ја работи работата на претходниот работни за помала плата. Тоа е и целта на одредени газди, да најдат работници кои ќе изршуваат обемни работни задачи за малку пари. Ова е феномен којшто на нашата планета Земја е присутен отсекогаш и ќе биде присутен и понатаму. Колку и да се работи на сузбивање на ваквите девијации, тие не можат да се искоренат целосно, бидејќи како што вели МОТ, работниците од неформалната економија претставуваат половина од глобалната работа сила.

Во Р. Македонија неформалната еконмија изнесува некаде над 30 проценти, но со оглед на тоа дека се кријат вистинските бројки, таа, според моја претпоставка изнесува многу повеќе. Имено, најголемиот број од работната сила во Македонија е дел од приватниот секот, каде што е застапена неформалната економија. Неформалани работници има во речиси сите гранки на приватниот сектор, но најмногу има во градежништвото,  угостителството и малопродажбата. Голем број на градежни компании не ги осигуруваат своите работници кои за да заработат за парче леб мора да работат по начинот кој е определн од газдата. Во угостителството исто така има голем број на неформални работници  кои за минимална плата ризикуваат да бидат казнети од страна на Државниот инспекторат за труд. За разилка од големите маркети каде речиси сите работници се осигурани поради тоа што тие се први на удар на инспекторите, малите продавници често знаат да ги остават работниците без осигурување и со тоа нивниот работен статус да биде загрозен.

Она што ме чуди е фактот што некои од работниците кои работат во неформалната економија велат дека овој начин на работа им одговора и дека им било супер. Мене искрено не ми е јасно, како може да им биде убаво кога газдата во секој момент може да им рече дека се отпуштени, а тие нема каде да се жалат, а воедно не можат ни да се повикаат на било кој закон, бидејќи нивниот работен однос не е легален, ниту постои во очите на надлежните институции. Работници освестете се, еден ден ќе остарете и ќе дојде време да излезете во пензија, но нема да имате стаж за истата. Што ќе правите тогаш? Ќе работите се додека можете, се додека не се разболете? Мора да се борите за вашите права и да го барате она што законски ви следува, бидејќи само така ќе можете да ги добиете вашите работнички права.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник