Работниците ќе изгубат 20 – 25 %: Синдикатот во ЕСМ при СИЕР потпишал штетна спогодба со која се намалуваат правата на работниците, вели Перчаковски
Спогодбата за измена на Колективниот договор на АД „ЕСМ“ којашто ја потпишаа синдикатот при СИЕР и директорот на Управниот одбор Васко Стефанов ги намалува правата на вработените. Ова за порталот Работник го рече Претседателот на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика рударство и индустрија, Васко Перчаковски.
„Измената се однесува на исплатата на работниците кои користат платени отсуства. Досега, во стариот колективен договор, одредбата предвидуваше исплата на 100 % надомест на плата, согласно просечната плата на работникот во изминатите 12 месеци. Со новата измена која гласи дека надомест на плата се определува според основната плата на работникот, работниците ќе изгубат од 20 % до 25 % од нивните плати кога ќе користат годишен одмор и други платени отсуства“, рече Перчаковски.
Пред да се направи оваа измена, просечната плата на работникот се одредувала согласно основната плата и додатоците за работа (ноќна работа, минат труд…), а сега пресметката се врши со основна плата (без додатоци). На овој начин, работникот губи од 20 до 25 % кога користи платено отсуство.
Перчаковски рече дека и кога работникот искористи само еден ден од годишниот одмор или платено отсуство, платата му се намалува за 20 %.
„Ако дневницата ти била 3,000, сега ќе земеш 2,500 денари“, рече Перчаковски.
Перчаковски се осврна и на она што веќе синдикатот го апелираше, а тоа е како по теркот на АД „МЕПСО“, каде платите се зголемија за 23 %, да се зголемат и во АД „ЕСМ“.
„Апелираме до Владата и до Управниот одбор на АД „ЕСМ“ да го следат примерот на сестринската компанија „МЕПСО“ и да им ги зголемат платите за 23 % и на работниците во АД „ЕСМ“, бидејќи се прави дискриминација со тоа што во една компанија од енергетскиот сектор се зголемуваат платите, а во другата не“, рече Перчаковски.
Тој во името на ССЕРИ ѝ даде безрезервна и целосна поддршка на Конфедерацијата на слободни синдикати за неприфаќањето на предлогот на Владата во врска со Општиот колективен договор за јавен сектор и за барањата кои КСС ги испрати до Владата, за усогласување на платите во јавниот сектор.