ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Работници ангажирани на пругата Куманово- Бељаковце бараат исплата на заостанатите плати за април и мај

175views

Работниците се ангажирани преку приватна Агенција за  – вработување за потребите на македонската подружница на Х.Ф.Вибе ГмбХ&Ко.КГ.

Зоран Крстевски, ангажиран работник, изјави дека од први јуни немаат здравствено осигурување и оти платите не им се исплатени од април.

-Ова е еден капитален проект, не знам што е работа. Компаниите подизведувачи си ги собраа своите машини и си заминаа. Никој ништо не кажува. Ако не добиеме плата до понеделник, не знам што ќе правиме, рече Крстевски.

Неговиот колега Бобан Величковски вели дека не знаат како ќе продолжат со работа, а нагласи и дека не им се исплатени ниту часовите од прекувремена работа.

-Досега немаше проблеми, но со почнување на коронавирусот, се случи и ова, вели Величковски.

Одговорното лице од компанијата  Х.Ф.Вибе ГмбХ&Ко.КГ изјави дека нема коментар за состојбата со работниците чиј што договор истекува во август годинава.

Од ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија велат дека за платите е задолжена компанијата Вибе како посебен правен субјект.

-Според информациите од надзорниот инженер, градежните работи се во тек, но со помал интензитет поради ситуацијата во која се наоѓа нашата држава, велат од ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија

Во Куманово  од март годинава почнаа да се изведуваат градежните активности за изградба на втор столб од новиот патен надвозник на улицата „Ѓорче Петров“, како дел од проектот за реконструкција и обнова на железнички премини на пругата Куманово-Белљаковце. Реконструкцијата на оваа пруга во должина од 31 километар стартуваше во 2014 година. Таа е првата од трите делници за железничкото поврзување на државава со Бугарија.