НовостиСветот на работникот

„РАБОТНИЦИ, НЕ Е ЗАКОНСКИ ДОЗВОЛЕНО ОД ТРЕТА СМЕНА ДА ОДИТЕ ПРВА ИЛИ ВТОРА“ – Мора 12 часа одмор помеѓу смени, вели Димитријевиќ

   Време за читање 5 минути

Новинар: Бобан Илијевски

Јас лично никогаш не сум наплатил на работник за правна проверка на Договорот за вработување, вели адвокатот Александар Димитријевиќ.

„Генерално, кога станува збор за првична детекција на проблем од правнички аспект, мислам дека адвокатите не наплаќаат, особено кога станува збор за работник“, вели тој.

Работниците, објаснува, се категорија во општеството која придонесува за развивање на истото, но општеството не ги цени на ниеден план. Поради ова, вели, работниците ни бегаат.

„Сведоци сме на тоа колку работници лани ни заминаа во Хрватска, не зборам само за угостителски работници; лани таму избегаа и полицајци, медицински сестри, негувателки во градинки и учителки – сите оние кои се столбот во општеството како професии, а земаат минимална плата“, посочи Димитријевиќ.

Според него, секоја наредна година, ќе има се поголем одлив на кадар, а Владата не зазема став за одлучни чекори кои ќе бидат долготрајни, со коишто ќе направи да си ги задржи вработените во државата или да придонесе тие што заминале, да се вратат назад.

„Не може да се очекува од работниците да бидат правници“

Во однос на договорите за вработување, Димитријевиќ вели дека работниците не можат да знаат што се треба да содржи тој.

„Не може работникот да го знае правото до оној степен како адвокатот, бидејќи на адвокатот тоа му е професија“, рече тој и додаде дека на Запад, во високо развиените држави, каде што работникот е ценет и каде што има плата за се што треба да си дозволи, вклучено е и адвокатско осигурување.

Тоа, според него, се плаќа на годишно ниво, слично како автомобилското осигурување и вклучува адвокатски услуги во текот на целата година.

Македонија не е развиена до тој степен, работникот едвај преживува и се става адвокатско правило: „Не барај пари таму каде што нема“, а кај работниците нема пари, па јас затоа не ни наплаќам на работници, каков проблем и да имаат, вели Димитријевиќ.

Тука, како што вели, има и друга работа – Договорот за вработување се склучува согласно член 28 од Законот за работните односи, а член 29 вели дека сите одредби од Договорот што се спротивни на Законот се ништовни.

„Така што, работникот не може да добие толку штетен Договор, затоа што тие одредби што се штетни и спротивни на Закон се ништовни. Ползувањето од самиот работен однос, во смисла: атмосферата на работа, условите за работа, средствата за безбедност и здравје при работа, мобинг, неисплаќање на додатоци на плата, трошоци за превоз, К-15…, тие не се почитуваат“, вели Димитријевиќ.

Овие права не се вметнуваат во Договорот, туку се обврска на работодавачот согласно законите, вели тој и додава дека работникот треба да ги знае овие права. Договорот за вработување треба да се види само дали е на определено или неопределено работно време.

Работникот не смее прекувремено да работи повеќе од 190 часа годишно

Димитријевиќ посочи дека прегледувал некој Договор на неопределено време, во кој било наведено дека условите се предвидени да важат пет години, што според Законот е ништовна одредба. Зошто? Бидејќи кога Договорот е склучен на неопределено време, сите одредби важат на неопределено време и за да се смени некоја одредба од истиот, треба да се склучи анекс на тој Договор.

Тој даде уште еден пример со една наша градежна компанија, каде што во Договорот за вработување стоело дека работникот се обврзува да работи 240 часа прекувремено. „Таа одредба е ништовна затоа што работникот смее прекувремено да работи најмногу 190 часа годишно“, вели тој.

Направено е испитување дека 70 % од повредите кои се случуваат на работа, се во прекувремена работа, рече Димитријевиќ. Кога работи прекувремено, работникот ги губи концентрацијата и способностите.

„Човек мора да се одмори за да ја надомести енергијата. Затоа и Законот за работни односи предвидува дека работникот треба да има 12 часа одмор помеѓу смени. Ако работодавачот не го почитува тоа, постои можност работникот да се повреди или да добие професионално заболување“, рече тој.

Не може работодавачот кога ќе му текне да им рече на работниците да работат прекувремено, бидејќи според Законот постојат стриктни случаи во кои таа е дозволена. Од работникот може да се побара да работи прекувремено, ако е зголемен обемот на работа, се додека не се преструктуира организација и ако е настаната штета на компанијата, објасни Димитријевиќ.

Апелира до работниците дека ако денеска биле трета смена на работа, во никој случај следниот ден не смеат да бидат прва или втора смена и дека по завршувањето на работната недела, мора да имаат 24 часа одмор, па следната недела да почнат од прва смена.

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.