СветСветот на работникотСиндикат

Работно време по мерка на човекот

Работно време по мерка на човекот - Работник
215views

Прашањето за работното време и неговото ограничување е во средиштето на делувањето на синдикатот од самите негови почетоци. Работното време е и едно од првите прашања кои биле предмет на законодавно уредување.

Првата конвенција на Меѓународната организација на трудот е усвоена во 1919 година, кога оваа агенција е основана. Оваа прва конвенција на МОТ го ограничила работното време во индустријата и предвидела време за одмор на работниците. Денеска МОТ има низа на меѓународни работни страндарди за работното време, пишува хрватското списание „Синдикална Акција“.

Начелото на ограничување на работното време, синдикатите со своите преговарачки напори го вградиле и во темелите на Европската Унија и нејзиното законодавство.

По едновековната борба на работниците и синдикатите за моделот 8+8+8 (8 часа работа, 8 часа одмор и 8 часа слободно време), работното време повторно станува приоритет на синдикалното делување ширум светот. Причината за тоа е трендот на раст на фондот на работни часови – редовно и прекувремено – и организација на работното време која неретко влегува во слободното време на работниците, но и предизвиците кои ги носи дигитализацијата и последнично, трансформацијата на економските сектори.

На овие промени синдикатите одговараат со низа на иновативни предлози, како иницијативата на најголемиот синдикат во Германија, ИГ Метал, под наслов „Мој живот, мое време“. Работното време, неговата количина, начинот на организација и слично, сочинуваат значаен дел од условот за работа на работниците, како и силно влијаат на балансот помеѓу приватниот и работниот живот. Лошата организација на работното време и ненавремената најава за промена, како прекувремена работа и слично, пречесто негативно влијаат на приватниот живот на работникот, неговото општо здравје и способноста за работење на здрав и сигурен начин.