Колумни

Работодавачите на универзитетите да си формираат организација на работодавачи, а не синдикат

Работодавачите на универзитетите - Работник
595views

Автор: Бобан Илијевски

Досега не сум слушнал некаде во некоја држава од Европската унија кон која се стреми и Македонија, работодавач да формира свој синдикат. Кај нас ова стана сурова реалност. Никогаш не можев да замислам дека оние коишто се на власт ќе го направат токму ова и дополнително ќе ги уназадат работничките права, овој пат на универзитетските професори и вработените во јавните универзитети. Во една моја претходна колумна реков дека очекувам 2020 година да биде подобра во однос на работничките права, но уште од самиот старт тие повторно наидоа на препрека. Не можам да сфатам која е целта на ова дејствие, ниту пак зошто власта создава слика на нарушена демократија која во очите на европските бирократи не влева надеж дека ситуацијата во Македонија оди на подобро. Но, кај нас така е, политиката е вмешана во секое можно поле, било да е од професионален или приватен аспект.

Од каде одеднаш идејата да се формира нов синдикат во високото образование, односно на јавните универзитети од страна на работодавачите кои патем ги уценија вработените дека доколку не се зачленат во овој нов синдикат нема да го добијат договореното покачување на платите од 10 проценти од јануари 2020 година за кое се избори СОНК. Сите тие коишто го скроија овој план знаат дека тој е противуставен, противзаконски и е против меѓународните конвенции на Меѓународната организација на трудот кои Македонија ги има ратификувано, а со тоа се има и согласено да ги почитува. Но, во оваа држава не се почитува човечкото битие, а не па Устав, закон или меѓународна конвенција. Се прашувам зошто го прават ова? Која е нивната цел? И до каде мислат да стигнат со ваквите постапки? Мислам дека ова го прават за да и докажат на меѓународната заедница дека кај нас демократијата е само фарза, да и покажат како можат да контролираат еден мал народ кој од мака не знае што да прави, па гледа само да преживее. Сметам дека нивната цел е уште еднаш да покажат дека ние сме држава која е на исто рамниште со африканските држави (без намера да навредам некого), кои спаѓаат во третиот свет. Кристално ми е јасно и сигурен сум дека со нивните постапки нема да стигнеме до портата на ЕУ, туку баш напротив ќе се оддалечуваме од неа и ќе продолжиме да се оддалечуваме се додека не се разделиме доволно далеку за да потоа таа за нас биде недостижна.

Би сакал и да упатам еден апел до оние коишто стојат позади формирањето на тој нов синдикат во високото образование, дека тие можат да си формираат своја организација на работодавачи, никој не им го спори тоа и да ги остават работниците да бидат тие коишто ќе формираат и ќе се зачленуваат во синдикати. Ние веќе во сферата на високото образование имаме синдикати, од кој едниот од нив се избори за тоа покачување од 10 проценти. СОНК сега води тешка битка против оваа нова пречка, но се надевам…. не, не, не… сигурен сум дека ќе успее да ја оттргне од својот пат и повторно да се врати на својот терк, покажувајќи уште еднаш дека тој е синдикат кој цврсто се бори за своите членови и вработените во образованието, во овој случај високото. Јас редовно го следам СОНК и моја импресија е дека тој е синдикат кој навистина се обидува да даде се од себе за да издвои подобри работнички права за вработените во оваа дејност. Се надевам дека еден ден свеста ќе не престигне и ќе сфатиме зошто не сме на патот, по кој на сите им кажуваме дека чекориме како држава.

На крај би сакал само да им порачам на работниците дека треба малку да погледнат кон запад, овој пат, т.е. кон Франција, каде што синдикатите и работниците не се откажуваат од нивните барања за укинување на пензиската реформа и жестоко се борат против неа преку протести и штрајкови. Да не бидам погрешно сфатен, не го повикувам народот да излезе на улица и да постапува како демонстрантите во Франција, туку само сакам да земат пример од тие случувања и да увидат дека некој некаде гласно ја бара правдата и сето она што според закон и своја заслужност им следува да им биде овозможено од работодавачот или државата.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник