Интервјуа

Ралповски за Работник: Со платите на партиските и родниските вработени во администрацијата, може да им се помогне на невработените

Ралповски за Работник - Работник
757views

Поскапувањето на струјата за 7,4 %, неисплаќањето на државната помош од страна на фирмите на работниците, планот на СДСМ да скарти 20 % од администрацијата, се само дел од прашањата на кои во интервју за порталот Работник, одговара Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благија Ралповски.

Порталот Работник ви одвојува една од изјавите на Ралповски: 

„Има околу 30,000 вработени во јавниот сектор којшто се на определено време и којшто се преку Агенција за привремено вработување на коишто причината за вработување им е зголемен обем на работа. Добро се знае дека во овие услови е намален обемот на работа и автоматски согласно ЗРО им престанува работниот однос„, вели Ралповски во интервјуто за порталот Работник.

Во продолжение прочитајте го целосното интервју:

Работник: Кој е ставот на КСС за поскапувањето на струјата за 7,4 %? Како поскапувањето на струјата ќе се одрази врз благосостојбата на работниците?

Ралповски: Катастрофална е одлуката на Регулаторна комисија за енергетика која е именувана од оваа власт. После поскапувањето на акцизите за горивата пред неколку месеци, сега следи уште еден шок со поскапувањето на струјата, со што инфлацијата е неминовна. Според сите економски показатели имаме намалување на јавната потрошувачка, во текот на изминатите неколку месеци, од месец во месец, секој ден што значи дека граѓаните и работниците живеат во се поголема сиромаштија. Затоа ние бараме оваа економска катаклизма да сопре и да отпочне еден конструктивен, фер и коректен социјален дијалог, преку кој ќе изнајдеме решенија за излез од оваа здравствена, економска и пред се социјална криза која ни тропа на вратата, во којашто народот ќе отпочне со социјални протести.

Поскапувањето на струјата врз работниците ќе се одрази многу негативно, од причина што се зголемува нивниот семеен трошок. Очекуваме да се зголемат и малопродажните цени и очекуваме да има инфлација во државата после поскапувањето на струјата и покачувањето на акцизата на горивата, со што ќе дојдеме во еден момент на големо осиромашување на сите граѓани во Македонија.

Работник: Како гледате на случувањата со компаниите кои зеле државна помош од Владата, но не им исплатиле плати на работниците?

Ралповски: Компаниите коишто зедоа државна помош за исплата на плата на работниците, а истата не им ја исплатија е многу трагична ситуација и државата во овој сегмент не се снајде баш најдобро. Ние како КСС имаме едно прашање тука, а тоа е што правеше инспекторатот во изминатиот период? Дали направи конторола на тоа колку се исплаќа државната помош на работниците? Што правеше Управата за јавни приходи, па да дознае од медиумите кога јавно се крена нардот да каже дека фирмите земале пари а не исплатиле плата, тогаш да реагираа УЈП и државата, но очекувам дека во периодот што следи инспекторатот ќе си ја заврши својата работа, а државата ќе постапи согласно законот и за сите тие фирми коишто земале државна помош, а не исплатиле плата на работниците и со тоа ги донеле во една незавидна ситуација, дека ќе имаа санкции преку кои ќе бидат казнети или ќе треба да ги вратат парите коишто ги добиле. Верувам дека ќе се донесе една мерка со којашто како и во сите нормални држави во Западна Европа, би требало да се конфискуваат сите тие компании.

Работник: Претседателот на СДСМ даде изјава дека доколку формира Влада ќе укине 20 % од администрацијата. Кој е Вашиот став во однос на неговата изјава?

Ралповски: Многу пати во минатото сме кажале и многу пати сме направиле порадикални чекори, како што се протести и штрајкови на оваа влада и Владата којашто ја предводеше екс премиерот Заев. Ние еве пак ќе предложиме: согласно Законот за работни односи, член 76, став 3 вели дека кога ќе престане причината за вработување престанува и работниот однос. Има околу 30,000 вработени во јавниот сектор којшто се на определено време и којшто се преку Агенција за привремено вработување на коишто причината за вработување им е зголемен обем на работа. Добро се знае дека во овие услови е намален обемот на работа и автоматски согласно ЗРО им престанува работниот однос. Од ова има две придобивки – првата придобивка е дека јавниот сектор ќе дојде на една бројка којашто е поднослива за државната каса. Доколку ги отпуштат сите партиски и роднински вработувања коишто во минатото ги окрактеризиравме како знак за силен непотизам од претходната влада, со средствата со кои тие се плаќаат можат да се обесшетат сите работници кои во оваа здравствено – економска криза го изгубија работното место. Никако нема да се согласиме со неговата изјава, туку напротив ќе бидеме предводници на едни социјални протести коишто, доколку се случи овој момент заедно со оние коишто ги загубија работните места во сивата економија и оние бизниси коишто беа затворени со Уредбите на Владата како што се угостителството, хотелиерството, аеродромите итн., дека ќе има силни социјални протести коишто ќе ја отсликаат вистинската слика во државата дека работникот е на работ од сиромаштијата.

Работник: КСС во неколку свои соопштенија истакна дека Владата воопшто или делумно ги спровела препораките коишто КСС ги даде заедно со Македонското Здружение за заштита при работа, а кои се однесуваа за заштита од Ковид – 19 на работните места. Сметате ли дека доколку се имплементираа мерките коишто ги предложивте ќе немаше голем број на заразени работници?

Ралповски: Иницијативите коишто ги предложи КСС заедно со Македонското здружение за заштита при работа коишто се експерти во областа заштита при работа, а воедно и ги предвидоа сите овие ситуации кои се случија во минатото, со бројот на заразени работници и изгубени работни места, а со тоа и пропаѓање на голем број на бизниси во Македонија поради тоа што претрпеа огромни загуби. Мислиме дека доколку се применеа нашите мерки и доколку имаше добро воспоставен социјален дијалог, немаше да дојдеме до оваа ситуација. Сигурни сме дека мерките коишто ги предложивме со МЗЗПР беа најконструктивни, транспарентни и најприменливи, а воедно и мерки коишто ќе ги заштитеа за работниците за да не дојдеме до создавање на кластери од заразени во одредени индустрии. КСС во изминатиот период со сета своја стручност, капацитет и кадар заедно со МЗЗПР се обиде да помогне во оваа здравствено – економска криза, но за жал нашите мерки не беа земени во предвид, што е показател на тоа дека социјалниот дијалог е тотално уништен и за сите овие проблеми коишто сега се случуваат во државата и излегувањето на ситуацијата од контрола е виновна само државата.

Работник: Во текот на претходните три години, КСС немаше многу добра соработка со претходната влада на СДСМ. Поради која причина е слабата соработка?

Ралповски: Вистината ја боли секоја влада. Критиките околу вистината го болат секого, а можноста и доблеста да се соочат со вистината е особина на храбрите и чесните луѓе.

Бобан Илијевски