ЕкономијаСветСветот на работникотСиндикат

Расте профитот, но и критиките на најголемиот гигант за електронска трговија

Расте профитот - Работник
192views

Амазон во време на пандемијата бележи раст на профитот, но и критики поради мерките за заштита на здравјето на работниците, од кои некои по протестите добиле откази.

Би – Би -Си известува дека Амазон привремено ќе затвори шест магацини во Франција бидејќи судот, после жалбите на француските синдикат, и наредил на компанијата да ги прекине сите испораки освен оние есенцијалните.

Магацините во Франција, според интерниот документ на комапнијата упатен до синдикатите, ќе останат затворени до 20 април и до тогаш десетте илјади вработени во магацините ќе бидат платени од државната програма за помош на делумно невработените, пренесува Радио слободна Европа.

Судот во Нантер во вторникот му наложил на Амазон да ги ограничи испораките за да се овозможи темелна инспекција за тоа дали компанијата презема адекватни мерки за заштита на работниците.

Во спротивно, нагласува Би – Би – Си, Амазон би можел да биде казнет со милион евра дневно.

Компанијата негирала дека не презема доволно мери за заштита на вработените и тврди дека вовела контрола на температурата, поделила маски и наложила обврзно физичко дистанцирање.

После пресудата, од  Амазон соопштиле дека судската одлука ги збунила, бидејќи веќе ги презеле соодветните мерки за заштита на вработените, најавувајќи дека ќе поднесе жалба на пресудата.

Амазон се свртел против француските синдикати кои започнале судска постапка истакнувајќи дека пресудата „веројатно ќе влијае на милиони луѓе“ во Франција, вклучувајќи илјадници работници, купувачи и француски компании кои ги продаваат нивните производи на платформата на Амазон, пишува Њујорк тајмс.

Пресудата на францускиот суд, истакнува весникот, исто така е тест за Амазон во САД, каде се соочува со критики за ефикасноста на безбедносните мерки за вработените.

Синдикатите во Франција наведуваат дека 20 отсто од работниците барале подобри мерки за заштита при работа, вклучувајќи и да се испорачуваат само храна и основни здравствени производи додека Франција е под карантин, наведува Њујорк Тајмс и додава дека Французите во изолација нарачувале се и сешто преку Амазон – од лакови за нокти и детски играчки до елементи за водоводни инсталации.

Весникот потсетува дека на крајот од март стотина работници ги напуштиле работните места во магацините на Амазон, применувајќи го француското работничко право кои им овозможува на работниците да се повлечат од работа доколку сметаат дека здравствените ризици се преголеми, без да им биде скратена платата.

Францускиот синдикат ја тужел компанија по хоспитализацијата на неколку вработени во Амазон од повеќе магацини на кои им е дијагностицирана инфекција на корона вирусот, а сомнежот за заразување на повеќе „десетици“ работници го поттикнал синдикатот да ја прогласи компанијата за несигурно место за работа, укажува Гардијан.

Компанијата наишла на критики ширум светот поради своите пропусти, а во вторникот признала дека еден од нејзините работници починал на крајот од март од Ковид – 19.

Десетина магацини на Амазон биле кластери на инфекцијата, укажува Гардијан додавајќи дека еден би во Стејтен Ајланд, Њујорк и дека имал најмалку 14 позитивни тестови, додека работниците рекле дека вистинскиот број е далеку поголем.

Инфекциите предизвикале негодување кај вработените, на што Амазон досега остро реагираше: отпуштени се три работници кои биле во центарот на протестот, макар компанијата негира врска помеѓу нивните жалби и отказите.

Отпуштањето на работниците кои ги критикувале акциите на Амазон за заштита на вработените во повеќе од 50 нивни магацини во САД за време на пандемијата предизвикале реакција на американските работнички организации, но и на сенаторот Берни Сандерс, пишува Ројтерс.

Амазон во вторникот соопштил дека отпуштил тројца работници поради повторното кршење на внатрешната политика на комапнијата, не наведувајќи ги деталите.

Ројтерс укажува дека во прашање се две дизајнерки кои претходно со петиција негодувале поради мерките кои компанијата ги вовела за време на пандемијата, како и работник од магацин во Минесота кој ги предупредил колегите за вирусот и барал од управата да го зголеми чистењето.

Нивните отпуштања проследиле откако е отпуштен работникот кој ги водел протестите на работниците на Амазон на 30 март на Стејтен Ајланд во Њујорк.

Амазон соопштил дека тој работник на протестите ги загрозил другите кршејќи го платениот карантин.

После критиките дека не направил доволно за заштита на работниците во магацини и во доставата, директорот на Амазон, Џеф Безос рекол дека сака да ги тестира сите вработени на Ковид – 19, навел Блумберг истакнувајќи дека продажбите преку Амазон ги достигаат претходните рекорди и дека е зголемено и богатството на Безос.

Безос во четвртокот рекол дека компанијата собрала тим на научници, менаџери и софтверски инженери за изградба на интерен капацитет за тестирање со надеж дека Амазон наскоро ќе ја изгради својата прва лабораторија за тестирање.

Во моменталното пазарно опкружување додека пандемијата ги затворила продавниците и ја зголемила е – продажбата, Амазон е помеѓу компаниите со најдобри резулатати, укажува Блумберг истакнувајќи дека со последните добивки пазарната вредност на Амазон е повторно над 1,000 милијадри долари.

Безос, најбогатата личност на светот, станал уште побогат во пандемијата, а можеби и поради пандемијата, покажува индексот на Блумберг според кој неговото богатство во 2020 година е зголемено за речиси 24 милијарди долари на 138,5 милијарди долари.