МакедонијаСиндикат

Реакција на СОНК на барањата на СКРМ за нивелација на платите во културата

181views

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, реагираше на барањата на Синдикатот за култура на Р. Македонија – СКРМ, министерството за култура да изврши нивелација на платите за работниците од дејноста култура.

„Деновиве се изнаслушавме лелеци и плачови од Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ), коишто, како што велат тие, биле излажани од министерството за култура, во врска со нивелација на платите во културата“, пишува во објавата на веб страната на СОНК .

Имено, СКРМ пред неколку дена објави соопштение во кое праша дали културните работници биле излажани од политичарите, кои сакаат само да купат мир за време на изборите. Додека пак, од министерството за култура ги известиле институциите во културата дека нивелацијата на платите ќе се спроведе по завршувањето на изборите.

Од СОНК велат дека е премногу наивно од СКРМ, а и од сите оние, кои поверувале во „дилот помеѓу министерството за култура и нивниот социјален партнер“, СКРМ, дека со мартовската плата ќе има нивелација на платите во установите од културата. Според СОНК, аматерски и наивно е и со голема доза на потценување на вработените во културата ваква лажна информација да се пласира во јавноста, која беше објавена при крајот на минатата година, а е во интерес на двете споменати институции, со цел да поентираат во дадената ситуација.

Од СОНК наведоа дека ќе изнесат неколку факти, кои го поткрепуваат нивното тврдење, за коишто објавиле статус и став, околу овој проблем, уште на 26 декември, 2018 година, со наслов „Траги-комична претстава по сценарио , режија и главни улоги на министерството за култура и СКРМ“.         

„Со таа објава дури не беше спомнато ниту дека доаѓа и период на избори, период каде што согласно изборниот законик не е возможно зголемување на платите во јавниот сектор. Но и покрај тој силен факт, двете институции до пред некој ден беа убедени во сопствените лаги. Едните дека ќе направат добро дело и конечно нешто ќе направат за вработените во културата, а другите дека поради нив ќе се нивелираат (зголемат) платите на дел од вработените во културата. “ истакнаа од СОНК.

Според Синдикатот, СКРМ не престанува да лаже поради сопствени интереси дека е единствениот синдикат за култура кој што се грижи за вработените во културата, а особено за уметниците, дека е заслужен за договорот за нивелација на платите, за изготвување на нов колективен договор во културата, закон за култура и што уште не, само да дојде до што повеќе членови, повеќе членарина и повеќе лични интереси на поединци.

СОНК смета дека логична последица на сето ова е прашањето, како сега раковдството на СКРМ ќе им објасни на своите членови зошто нема да има нивелација и зголемување на платите во март. По што прашуваат: Зарем ќе се правдаат дека не знаеле за изборниот законик? Или ќе ја сметаат за доволна благата и неубедлива реакција, па и со срамежлива закана дека ќе немаат разбирање за нивните изговори, а и нема да имаат ниту грам толеранција, ниту минута доцнење.

Тие велат дека вистината е една, а тоа е дека СОНК, долг период работеше со министерството за култура за изедначување (нивелација) на платите согласно колективниот договор, кој што беше изработен и поминат на јавна расправа во синдикалните организации од културата. Единствен проблем беше примената односно, СОНК не сакаше да го потпише тој договор додека не се обезбедат средства за реализација.

За крај, тие додаваат дека СОНК континуирано преку средствата за јавно информирање и особено преку организирање на јавни протести го искажува незадоволството на членовите од културата за хаосот во однос на плати, надоместоци на плати, работни услови, кариерен развој и други проблеми што ги имаат вработените во оваа дејност.