МакедонијаСиндикат

САДУ: Се што ветија ништо не исполнија, само непотизам, закани и уцени

САДУ-Стоп за трансфер
558views

Од Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија – САДУ при Конфедерација на слободни синдикати на Македонија – КСС, за порталот Работник истакнаа дека не гледаат никакво подобрување во однос на работничките права, после одржаниот протест на 8 јуни, во Скопје.

Од САДУ велат дека иако имало многу ветувања од страна на Владата, но ниедно од тие ветувања не биле исполнети и покрај тоа што во неколку наврати имале состанок со Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

„На тие средби ни беше ветувано дека ќе се исполнат нашите барања, но по се изгледа дека ветувањата остануваа само во салата за состаноци. Нашите барања се согласно законот и Општиот Колективен договор за јавен сектор и тие ни следуваат според секоја законска одредба“, велат од САДУ.

Од таму истакнуваат дека во јавната администрација се повеќе се вработуваат роднини на одредени функционери, наместо да се вработат квалитетни кадри кои ќе ја унапредат администрацијата. Според нив јавната администрација се базира на непотизам, бидејќи има голем број вработени кои се родинини на одредени моќни, а додатно на тоа се подготувува да се направи трансфер од јавен во приватен сектор, на што од САДУ се спротивставуваат, бидејќи многу работници би останале без работа.

„Во последно време сведоци сме на непотизмот кој демне во институциите од јавната администрација. Наместо да се вработуваат квалитетни кадри, се вработуваат роднини на одредени функционери, а плус на тоа и сакаат да направат трансфер од јавен во приватен сектор. Доколку дојде до тоа, голем број на работници ќе ги изгубат своите работни места.“

Истакнаа и дека било ветено дека ќе се даде како обврска од Законот за кариерното унапредување, но некаде е дадено, некаде селективно, некаде воопшто не е дадено. Законот за административни службеници се менува само во делот на желбите на одредени владејачки структури, но не и тоа што беше ветено туку напротив се направи можност за отпуштање на наши колеги, што секако се најавува од месец септември. Се направија измени и во Законот за инспекциски надзор, Законот за спроведување санкции, социјална заштита, судска служба, но не беа прифатени нашите барања, како што ветуваше Владата, напротив се даде акцент на селективност, дискриминација и подготвување услови за бркање на наши членови, наши колеги од јавниот сектор.

Наведоа дека САДУ активно се приклучи кон активностите на КСС и низ протести побара да се покачат платите за 25%, како што велат тоа покачување им следува согласно законот, бидејќи минималната плата е покачена за исто толкав процент, настана  порамнување на платите на одредени носители на дејност и секако се скрати распонот по вертикала на платите во јавниот сектор.

Од синдикатот рекоа дека од позиција на моќ им се вршат уцени и притисоци на нивните членови и притисокот не попушта туку напротив станува се поголем.

„Нашите членови постојано се изложени на закани и уцени од страна на одредени моќни. Тоа мора да престане. Срамно е во 21 век да се немаат основи работнички права“, наведоа од САДУ.