Само големите компании како „Мајкрософ“ го можат тоа: Го ангажира Стинг да ги забавува функционерите, следниот ден најавува 10.000 откази

Една од најголемите технолошки компании во светот Мајкрософт неодамна се најде на удар на јавноста по веста дека го ангажирала Стинг за приватен концерт за педесетина луѓе на Светскиот економски форум во Давос.

Како што пишуваат американските медиуми, на овој настап на познат музичар присуствувале највисоките функционери на Мајкрософт, а атмосферата била „интимна“.

Не беше објавено колку чинеше хонорарот на пејачот, но според американските медиуми ангажманот на Стинг чини од 500.000 долари па нагоре.

Веќе следниот ден оваа компанија најави отпуштање на 10.000 луѓе, речиси пет отсто од своите вработени, поради „макроекономските услови и промените во приоритетите на клиентите“.

Во е-пошта до вработените, извршниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела, објави дека отпуштањата треба да бидат завршени до третиот квартал на 2023 година.

„Ќе се однесуваме со нашите вработени со достоинство и почит и ќе работиме транспарентно. Овие одлуки се тешки, но неопходни“, напиша Надела.