Светските цени на храната стабилни, порастот на житото компензиран од падот на другите производи

Светските цени на храната останаа главно стабилни во октомври, при што порастот на цените на житото беше повеќе од компензиран со падот на цените на другите главни прехранбени производи, покажува новиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Референтниот индекс на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени на цените за пет прехранбени производи со кои се тргува на глобално ниво, во октомври изнесуваше во просек 135,9 поени, малку под нивото во септември.

Споредено со рекордното ниво забележано во март 2022 година, меѓународните цени на храната се пониски за 14,9 отсто, додека во однос на октомври минатата година се повисоки за 2,0 отсто, се наведува во извештајот објавен на веб-страницата на ФАО.

Цените на житата се зголемија за 3,0 отсто на месечно ниво. Пченицата поскапе за 3,2 отсто, главно поради неизвесноста околу Црноморската иницијатива за жито и надолните ревизии на американските залихи.

Меѓународните цени на грубото жито зајакнаа за 3,5 отсто од септември, при што цените на пченката дополнително се зголемија поради намалените производствени изгледи во САД и Европската унија, условите за суво садење во Аргентина и неизвесноста околу извозот од Украина.

Светските цени на оризот пораснаа за 1,0 отсто.

Растителните масла поевтинија за 1,6 отсто во октомври и за речиси 20 отсто во однос на ланскиот октомври. Падот на цените на маслото од палма, соја и семе од репка повеќе од компензира за зголемувањето на квотите за сончогледово масло.

Меѓународните цени на млечните производи паднаа во октомври за 1,7 отсто во однос на септември, поради пониските од очекуваните купувања од Кина, слабата глобална побарувачка за увоз и слабеењето на еврото во однос на американскиот долар.

Цените на месото исто така потонаа за 1,4 отсто во октомври во однос на претходниот месец, при што меѓународните цени на овчо, свинско, говедско и живина паднаа главно поради намалената глобална побарувачка за увоз и зголемената извозна понуда.

Октомвриските цени на шеќерот на глобалните пазари се лизнаа за 0,6 отсто, под влијание на подобрените изгледи за производство во Индија. Повисоките цени на шеќерот беа ограничени од фактори како што се дождовите што го попречуваат напредокот на жетвата во Бразил, силната побарувачка за увоз од Индонезија и Кина и зголемените цени на етанолот во Бразил.

Во посебен извештај за понудата и побарувачката на житни култури, ФАО ја намали својата прогноза за светското производство на житни култури во 2022 година на 2.764 милиони тони, што е пад од 1,8 отсто во споредба со производството во 2021 година.

Додека глобалното производство на пченица во 2022 година сега се проценува на 783,8 милиони тони, производството на крупно зрно на сите времиња се очекува да падне за 2,8 отсто на 1.467 милиони тони.

Исто така, се предвидува дека светското производство на ориз ќе изнесува 512,6 милиони тони, што е за 2,4 отсто помалку во однос на највисокото ниво во 2021 година, но генерално се уште е на ниво на просечниот род, пренесе Танјуг.

Што се однесува до глобалната потрошувачка на житни култури во 2022/2023 година, ФАО прогнозира дека таа ќе падне на 2.778 милиони тони или за 0,7 отсто во однос на нивото во 2021/22 година. Исто така, се проценува дека светските залихи на житарки на крајот на сезоната 2023 година ќе бидат за 2,0 отсто помалку во однос на почетното ниво и ќе изнесуваат 841 милион тони.

Врз основа на овие прогнози, се проценува дека односот на светските залихи на жито во однос на потрошувачката ќе се намали на 29,4 отсто во сезоната 2022/23 во спредба со 30,9 отсто во претходната година.