ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Се додека зголемувањето на платите не е проследено со зголемување на продуктивноста, одливот ќе продолжи

Здружение на Градежништво - Работник
124views

Бобан Илијевски

Градежниот сектор е еден од оние коишто се најмногу погодени од одливот на квалификуваните работници од Македонија кон западните земји, особено Германија.

Со оглед на тоа дека од 1 март стапува во сила законот за доселување на квалификувана работна сила во Германија, Порталот Работник побара став од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, при Стопанската Комора на Македонија, во врска со тоа дали ќе се интензивира одливот на квалификувани работници и што би требало да се направи за истиот да се намали или да се спречи.

Според нивните прогнози трендот на одлевањето на квалификувани работници во развиените држави каде што политиките креираат можности за заработувачка по учинок на работниците и на тој начин создаваат поголема продуктивност на трудот, ќе продолжи.

„Затоа сметаме дека се потребни прописи кои ќе овозможат пофлексибилно уредување на работните односи и ќе создадат услови за континуирана рамнотежа помеѓу интересите на работодавачите од една страна кои се се стремат за остварување на максималната продуктивност на трудот, поголема конкурентност и профитабилност на комапниите и интересите на работниците од друга страна кои се стремат да го валоризираат сработеното и да остварат повисоки примања“, велат од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската Комора на Македонија.

Тие истакнаа дека се додека зголемувањето на платите не е проследено со зголемување на продуктивноста на трудот, не постојат изгледи за задржување на кадарот во нашата држава и се поголеми се можностите за одлив на кадарот во високоразвиените земји.

На прашањето што би требала бизнис заедницата од овој сектор да направи, со цел да ги задржи работниците, од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите истакна дека потребно е да се креираат услови на пазарот кои ќе им овозможат на компаниите да се развиваат, што би довело до позитивни ефекти не само за бизнис заедницата, туку и за работниците и државата.

Од Здружението сметаат дека само одржливи и моќни компании можат да доведат до одржлив економски развој. Во моментот одредени компании имаат воспоставено интерни механизми за мотивирање на вработените со цел зголемување на продуктивноста на трудот и креирање на поголема додадена вредност во работењето, меѓутоа сметаат дека е потребно ваквиот пристап да биде препознаен и системски поддржан од страна на државата.