ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

СЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ВОВЕДЕ ПЛАТА ЗА ЖИВОТ ЌЕ ИМАМЕ ОДЛИВ НА КАДАР – ЕКСПЕРТИТЕ СЕ ДЕЦИДНИ ДЕКА ЗА ДА РАСТАТ ПЛАТИТЕ МОРА ДА РАСТЕ И ПРОДУКТИВНОСТА НА ТРУДОТ

   Време за читање 2 минути

Факт е дека за да останат работниците во Македонија, потребно е да се зголемуваат платите. Според економските експерти, за тие да пораснат повеќе, потребно е и да порасне продуктивноста на трудот.

Универзитетскиот професор Димитар Николоски за порталот Работник вели дека платите и продуктивноста на трудот се тесно поврзани меѓу себе, но дека нивната зависност е комплексна.

Една од опасностите што може да го има порастот на номиналните плати е порастот на инфлацијата, со оглед на фактот што платите претставуваат трошок кој се пресметува во цените на крајните производи и услуги. Оттука, растот на продуктивноста на трудот претставува антиинфлаторна сила, така што го апсорбира растот на номиналните плати и потенцијалното отворање на т.н. инфлациска спирала „плати-цени“.

Доколку процентуалниот пораст на номиналните плати е еднаков со процентуалниот пораст на продуктивноста на трудот, трошокот по единица труд останува непроменет, објасни Николоски.

Така, на пример, да претпоставиме дека номиналната плата првобитно изнесува 100 на час, а работникот произведува 10 паричиња на час. Во тој случај, единечниот трошок за труд по единица аутпут ќе изнесува 10 денари. Доколку номиналната плата се зголеми за 10 % т.е. изнесува 110 денари, но ако истовремено продуктивноста на работникот се зголеми од 10 на 11 паричиња, тогаш единечниот трошок за труд по единица аутпут ќе остане непроменет, т.е. 10 денари, истакна Николоски.

Може да се заклучи дека растот на продуктивноста го компензира растот на номиналните плати и на тој начин помага во ограничувањето на растот на трошоците по единица труд, што би се трансферирале во повисоки цени на крајните производи, посочи Николоски.

Вечна е борбата помеѓу растот на платите и продуктивноста на трудот. Синдикатите велат дека без раст на платите, не може да се очекува раст на продуктивноста. Од друга страна, работодавачите го велат спротивното, додека не порасне продуктивноста на трудот не може да има голем раст на платите.

Според анкетите кои ги спроведува Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија, работниците во Македонија не би останале за помала плата од 60,000 денари.

Инаку, во март месец оваа година минималната плата треба да се зголеми 22,600 денари, со што би требало да пораснат и другите плати во приватниот сектор. Сепак, сѐ додека не се воведе плата за живот, платите нема да бидат доволни за пристоен живот.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси