МакедонијаПравдаСиндикат

Синдикатот на Клинички центар ги поддржува предложените измени во Законот за здравствената заштита

Синдикатот на Клинички центар - Работник
55views

Самостојниот Синдикат на Клинички центар – ССКЦ ги поддржува предложените измени во Законот за здравствената заштита, истакнуваат од ССКЦ во соопштението.

Тие истакнаа дека за цело време во изминатиот период за Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита од октомври 2014 година и неговото стапување во сила како Закон за здравствената заштита, Синдикатот на Клинички центар имаше многу забелешки, кои во секоја прилика јавно ги истакнуваше.

Наведоа дека синдикатот на Клинички центар беше единствениот релевантен чинител кој на јавната дебата за Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, одржана во октомври месец 2014 година во амфитеатарот на Деканатот на Медицинскиот факултет – Скопје, покрај другите забелешки, остро се спротивстави на утврдените услови за договорот за специјализација нарекувајќи го таквиот договор “лихварски“, и оценувајќи го како штетен договор, и бараше од предлагачот истиот да го повлече.

Потенцираа дека за цело време Синдикатот на Клинички центар на барање на своите членови – доктори на специјализација, организираше званични состаноци со Здружението на  специјализанти и Асоцијацијата на специјализанти каде беа договарани постапките за остварување на заедничката цел – коректни и прифатливи договори за специјализација, истоветни на сега предложениот сооднос 1:1, односно за специјализација од шест години, по завршување на истата, докторите задолжително да работат уште најмалку шест години во ЈЗУ која им ја финансирала специјализацијата.

„Предлозите за измени во Законот за здравствената заштита на Здружението и Асоцијацијата на специјализанти, вклучувајќи ги и измените за Договорот за специјализација, Синдикатот на Клинички центар за цело време во изминатиот период ги доставуваше и го информираше за нив Ресорното Министерство и другите релевантни чинители“, велат од ССКЦ во соопштението.

Наведоа дека синдикатот на Клинички центар за цело време бараше при дополнителната дејност, согласно ценовникот за преглед или интервенција утврден од Јавните Здравствени Установи, да се наплати услугата на медицинскиот тим, добивката на ЈЗУ и другите трошоци (потрошен материјал, амортизација на апаратурата и сл.), а  притоа на пациентот, корисник на дополнителната дејност да му важи осигурувањето.

Тие објаснија дека оваа заложба беше предложена од страна на претставниците на Синдикатот на Клинички центар со барање да се внесе во сегашниот Нацрт-текст на Законот за здравствената заштита, истовремено прифатена и од претставниците на Лекарската комора и Македонското лекарско друштво.

Синдикатот на Клинички центар, исто така за цело време се залагаше да се укине и менаџерскиот испит за директорите сметајќи го истиот како нецелисходен, и кој не го оправда досегашното негово постоење.

„Исто така, сметаме дека е позитивна законската можност, пензионираните доктори да работат како консултанти доколку тоа од нив го бара институцијата во која работеле“, истакнаа тие.

На крајот, истакнаа дека согласно Законот и Уставот, покрај Ресорното Министерство, синдикатот како еден од социјалните партнери во рамките на социјалниот дијалог има значајна улога во процесот на креирањето на правната регулатива со која се уредуваат односите од областа на трудот.

Додадоа дека претходно наведеното, укажува на нивна целосна посветеност и континуирано позитивно активно учество во изготвувањето на законските решенија и другите акти кои ја уредуваат здравствената политика.