МакедонијаСиндикат

Синдикат на водовод: Првиот човек на ССМ “одработи” за Директорот на ЈП Водовод

Синдикат на водовод: Првиот човек на ССМ “одработи” за Директорот на ЈП Водовод - Работник
1.31Kviews

Самостојниот синдикат при Водовод и канализација Скопје при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) има морална одговорност да ја информира јавноста и да упати остра реакција за спогодбата за исплата на К-15 која што во изминативе денови ја потпишаа Директорот на ЈП Водовод и Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, пишува во соопштението Самостојниот синдикат на Водовод и Канализација.

Од синдикатот истакнуваат дека менаџментот на ЈП Водовод соочувајќи се со голем број на тужби од нивни членови за исплата на К-15, кој што согласно Колективниот договор изнесува 24.000 денари, а кои што тужби веќе почнаа да се добиваат и процесираат, Директорот на ЈП Водовод потпиша спогодба со Претседателот на ССМ за исплата на К-15 од само 3000 денари по година за 2016, 2017 и 2018 година.

„Претседателот на ССМ дрско ги прекрши работничките права за исплата на К-15 и наместо да се засрамат од таквиот чин упорно го претставуваат низ медиумите како успех тоа што наместо 24.000 денари, како стекнато право, сега ќе се исплаќа само по 3000 денари по година. Па, ние се прашуваме чии права брани првиот човек на ССМ, по чија нарачка работи и чии желби исполнува?“, наведува синдикатот во соопштението.

Тие објаснуваат дека ова е порака и пример даден од Претседателот на ССМ “како треба да се исплаќа К-15” онаму каде што работодавачите имаат обврска да исплаќаат К-15, што значи дека паднаа маските на првиот човек на ССМ дека е борец за работничките права.

„Ние како вистински застапници на работниците нема да застанеме тука и да се помириме со овој срамен чин на Претседателот на ССМ, туку напротив ќе продолжиме по судски пат да си ги бараме нашите права, бидејќи спогодбата е ништовна и не произведува правно дејство  ретроактивно и секако да ги заштитиме сите работници од ваквиот начин на манипулација од страна на сите квазисиндикалци“, додаваат во соопштението.

Од Синдикатот на Водовод и Канализација јавно се обратија до сите тела на ССМ, да го повикаат нивниот Претседател на одговорност, затоа што, како што тие истакнуваат, повекувајќи се и борејќи се за исплата на к-15 во реалниот сектор на начин на којшто го пропишува Општиот колективен договор за стопанство, Претседателот на ССМ очиглдно застанува на страната на работодавачите и ги урнисува работничките права и прави една голема манипулација со синдикатот и работниците што членуваат во него.