МакедонијаСиндикат

Синдикат на ИМП- Скопје: До ден денеска нема вработено нови доктори, а десетици заминале

Синдикат на ИМП- Скопје - Работник
894views

Овој период во службата за итна медицинска помош – ИМП имало одлив на здравствени работници, пред се на доктори, не само во странство туку и во другите здравствени институции, изјави Претседателот на синдикатот на итна медицинска помош – Скопје, при Самостојниот синдикат на клинички центар, Д-р. Ангел Панев.

Според него, одливот не ги има зафатено само здравствените работници во ИМП, туку целиот Здравствен дом – Скопје, бидејќи итната медицинска помош е организациска единица на здравствениот дом.

Тој наведе дека не се во прашање само платите на здравствените работници, туку се работи за севкупниот однос кон докторите во таа институција, нивниот статус, условите за работа и начинот на кој се работи.

„Во последниов период голем број од докторите гледаат само да заминат од таа институција, што не се случувало порано. Севкупно, Здравствениот Дом – Скопје каде што припаѓа итната медицинска помош е единствена здравствена институција што до денес нема вработено ниту еден доктор, а десетици доктори заминале“, рече Панев.

На новинарското прашање каква е состојбата од аспект на синдикално движење, Панев рече дека имајќи ги во предвид поранешните проблеми кои ги имале не се надминати, туку напротив се продлабочени.

„Ние со години се бориме за да ги оствариме основните работнички права коишто се пропишани со постоечкиот Закон за работни односи и со колективниот договор, а не да зборуваме за остварување на нешто повеќе. Тука, пред се се работи за проблемите што ги имаме околу работното време, работните часови, распоредот на смени кои се наметнува не земајќи го човечкиот интегритет на работникот и неговиот семеен статус. Така да сите тие проблеми, доведуваат до тоа да незадоволството биде големо. Не можеме да најдеме соодветен јазик околу тоа да има фер договор околу работата. Ние пред се разбираме дека има проблеми со недостаток на персонал, меѓутоа во еден разбран дијалог со коректни луѓе кои имаат разбирање, со еден професионален и коректен менаџмент на институцијата, може да се дојде до решение“, рече Панев.

Истакна дека сеуште претставува проблем правото на додатокот за работа во недела. Според него бесмислено е една институција која работи во недела, да не добива додаток на плата.

На прашањето дали се почитуваат одредбите од колективниот договор за здравство, Панев наведе дека не се почитуваат целосно, односно само некои од одредбите се почитуваат.

Панев смета дека треба да се направи посебен колективен договор за службите од ИМП на ниво на цела Македонија, каде што ќе се уредат прашањата на вработените во ИМП. Според него има големи нелогичности поради тоа што секоја служба на ИМП функционира на свој начин, во однос на платите и смените, а кај некои не се ни плаќаат коефициентите. Вели дека се зависи од локалното раководство на здравствените домови.

Се осврна и на лична заштитна облека на вработените и рече дека вработените во службите на  ИМП немаат лична заштита облека по стандарди. Единствено само возачите пред неколку месеци, добиле заштитна облека, а медицинските лица сеуште работат со своја лична облека. Смета дека тоа е недозволиво за таква служба и дека само по себе е скандалозно.