Синдикат на клинички центар: Ректорот погрешно ја толкува одредбата од законот за формирање на синдикат
Реакцијата на синдикатот на клинички центар за изјавата на Ректорот на УКИМ ви ја пренесуваме интегрално:
За Синдикатот на Клинички центар неоснована е изјавата на Ректорот на УКИМ, во која укажува дека членот 220 од Законот за работните односи дозволува формирање на синдикална организација и дека истото не е „контраиндицирано“ (израз кој не се употребува во правната терминологија) со ниеден закон.
Одредбата на членот 220 од ЗРО се однесува на веќе легитимно постојни страни кои склучуваат поединечен колективен договор за јавни претпријатија и јавни установи, и гласи „Поединечен колективен договор за јавните претпријатија и јавните установи склучуваат основачот или органот кој тој ќе го овласти и репрезентативниот синдикат кај работодавачот“.
Во суштина се работи за погрешно толкување на споменатата одредба како да истата се однесува и на иницијатива за формирање на нова (непостоечка) синдикална организација.
Согласно Уставот, во Законот за работните односи како општ закон, во член 184 е изричито речено: „(1) Работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. (2) Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси“, а во член 195: „Работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво, ниту со цел на таков надзор смеат да ги финансираат или на друг начин потпомагаат синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво“.
Тоа значи дека се работи за неотуѓиво право на работниците да тие покренуваат иницијатива и да основаат синдикат, и дека тоа во нивно име неможе да го направи било кој друг субјект.
Како што истакнаа во своите изјави и соопштенија, синдикатите се противат на иницијативата за формирање на Синдикат на УКИМ, Скопје, затоа што потекнува од Министерот за образование, а се спроведува или треба да се спроведе преку останатите работодавачи (Ректори, Генерален секретар на УКИМ, единици) што претставува флагрантно кршење на Законот и директно мешање на власта во синдикалното организирање.
Синдикатите не се противат на основање на синдикални организации во јавните универзитети, вклучително и синдикална организација на УКИМ доколку постапката за основање е согласно Уставот, Законот за работните односи и меѓународните конвенции.
Од изнесеното во изјавата на Ректорот на УКИМ видливо е дека автономното функционирање на Синдикалната организација на УКИМ ќе се случи откако истата ќе ја формираат Министерот за образование и наука и ректорите на јавните универзитети преку Генералниот синдикат на УКИМ и единиците (факултети и научни институти) со единствена точка на колективниот договор да биде покачувањето на платите од 10%, а потоа тие како многу принципиелни „ниту ќе имаат намера, ниту ќе вршат притисок на некого, и ќе им дадат слобода да си одлучат како ќе си работат“.
Жално, да пожално неможе да биде е дека претходните успеале да постигнат репрезентативност за само еден ден и половина, што според Ректорот на УКИМ е за поздравување, а нас не враќа во реалноста, и ни укажува на кое ниво е синдикалното организирање и дејствување во РС Македонија.
Што да се каже за најстарата високообразовна институција во РС Македонија и нејзиниот тековен капацитет за продукција на личности со силен интегритет и морал, кога првиот човек на таа институција изјавува дека „без оглед на репрезентативноста на високото образование во СОНК, штом добиле вакви напатствија ќе работат според нив“, при што напатствијата се добиени од Министерот за образование и наука.
По оваа изјава и став на Ректорот на УКИМ, понатамошните препирки, и разговори доколку дојде до нив, Синдикатот на Клинички центар ќе ги води исклучиво со Министерот за образование и наука.
На Ректорот на УКИМ, Генералниот секретар на УКИМ и на оние кои во името на единиците во рекордно време за еден ден и половина успеале да постигнат репрезентативност, повторно им укажуваме дека извршиле дејствија спротивни на Законот, и ги советуваме веднаш да се повлечат и да ја прекинат целата постапка.
Истовремено, им даваме на знаење дека ќе останат трајно жигосани од вработените во универзитетските клиники и центри, Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје и пошироко, исто онака како што се оние кои учествуваа и го организираа во слично рекордно време, синдикатот „Мајка Тереза“ по нарачка од тогашната власт, како контрасиндикат на Синдикатот на Клинички центар.
На крај Ви доставуваме примерок на оригинален електронски допис од страна на единицата (Медицински факултет) и пристапница во прилог на дописот доставени до член на наставно-научниот кадар во Универзитетска клиника во склоп на Клинички центар, кој како и скоро сите други членови на наставно-научниот кадар на Универзитетските клиники и институти, Стоматолошкиот клинички центар и Медицински факултет, УКИМ, Скопје се членови на Синдикатот на Клинички центар.