ЕкономијаМакедонија

Сител: Парите не се единствената причина поради која младите бараат работа надвор

Парите не се единствената причина - Работник
422views

Условите и безбедноста на работното место се втора главна причина за иселувањето на младите покрај висината на платата, тврдат експертите. Отвореноста на пазарот на труд во Европската унија им дозволува на младите полесно да бараат решение надвор од државата. Токму заради задржување на младите, експертите велат дека треба подобро да се имплементираат законските решенија.

-Не се работи повеќе за плата, не се работи повеќе за тоа дали имаат каде да живеат нашите млади, дали имаат сопствени станови. Се работи за тоа во какви услови живеат, односно во какви работни средини работат, со какви се фрустрации и каков вид на мобиг претрпуваат на работните места, вели Универзитетската професорка Светлана Трбојевиќ.

Од Здруженијата велат дека институциите не ги користат доволно инженерите за заштита при работа. Најлесно за сите е да се направат промени во Законите, но со тоа само се туркаат проблемите под тепих. Честите измени ги буни социјалните партнери и тие не знаат како треба да работат.

Статистиката, пак, покажува поразителни бројки.

-По еден работник неделно ни гине на работното место. И според таа иста статистика доаѓаме до ситуација дека четири пати поверојатно е дека ќе загинете на работното место во Македонија отколку во Велика Британија, вели Милан Петковски од Здружението за заштита при работа.

Најголем дел од несреќите на работно место се случуваат во земјоделството, а потоа во градежништвото. Годишно во Македонија се дијагностицираат над 70 професионални заболувања. Во ЕУ, просекот е околу 40. Праксата покажува и дека правилата за заштита при работа повеќе се почитуваат во големите компании отколку во микро и малите фирми.

Извор:Сител