Магазин

Сите училишта од општина Кавадарци побарале настава со физичко присуство

52views

Симулација на училишен ден се реализираше денеска  во Основното општинско училиште „Тоде Хаџи-Тефов”  во Кавадарци, во која учествуваа вработени, претставници на општината и други лица од воспитно образовниот процес, родители.

Општина Кавадарци заедно со градоначалникот Митко Јанчев и претставници на воспитно образовниот процес работеа напорно во изминатиот период со цел да се обезбеди соодветна примена на протоколот за постапување на училиштата во време на Ковид-19 и правилниците за постапување на воспитно образовните институции, со настава со физичко присуство. Денешниот настан треба да ни покаже дали се исполнети сите услови и кои се недостатоците кои би ги имала наставата со физичко присуство на ученици, кои мерки дополнително би требало да се преземат. Затоа што на прво место е безбедноста, рече Тодор Ефремов, секретар во Општината.

Тој информираше дека сите училишта од општина Кавадарци изразиле  подготвеност и барање за настава со физичко присуство до локалната самоуправа. Тие барања се проследени до Министерството за образование.

– Доколку не се дозволи настава со физичко присуство, општината работи и на подготовка на училиштата за он-лајн настава со соодветни  интернет пристап и опрема. Ние сме за тоа да имплементираме најсоодветна настава, без последици врз здравјето, нагласи Ефремов.

Директорката на училиштето, Марија Трајковска рече дека со оглед на Ковид-19, образованието е исправено пред еден голем предизвик.

Нашето училиште согласно одлуките на Училишен одбор, Наставнички совет и Совет на родители, реши да побара настава со физичко присуство. Дури 93 проценти од родителите се за таква настава. Ако добиеме дозвола, ќе користиме три влеза, ќе има настава од 7 до 20 часот. Часовите ќе бидат 30 минути, имаме редарски служби, средства за дезинфекција и лична хигиена, нагласи Трајковска.