Колумни

Сите училишта штрајкуваа – СОНК се покажа како моќен актер во општеството

Сите училишта штрајкуваа - Работник
696views

Предупредувачкиот штрајк на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК помина. Од денеска децата редовно ќе одат на настава, преговорите помеѓу СОНК и Министерството за образование и наука или скратено МОН ќе продолжат. Низ целата држава, просветните работници обединето штрајкуваа, искажувајќи го незадоволството од ниските плати кои се далеку под просекот, а уште подалеку од потрошувачката кошница која според вчерашниот прилог на телевизија Сител, во јули месец изнесувала 32,653 денари. Платите на просветните работници во основните училишта се 21,660 денари, а во средните училишта, 22,500 денари, што значи дека за да ја достигнат потрошувачката кошница, на наставник од основно му недостасуваат 10,993 денари, а на професор во средно, 10,153 денари. Ова покажува дека просветните работници не можат да си дозволат достоинствен живот со своите плати. Од друга страна, пак просечната нето плата за јуни 2019 година изнесувала 25,205 денари, што значи дека наставниците во основните училишта земаат 3,545 денари помалку од просечната плата, а професорите во средно земаат 2,705 денари помалку од просечната плата. Како и да пресметуваш, повторно се сведува на истото- просветните работници имаат ниски плати, а големи обврски.

Сите ние сме поминале преку нив и благодарение на нив сме го стекнале она знаење кое го поседуваме. Јас немаше да бидам новинар, доколку моите наставнички во основно и професори во средно училиште не ми ја всадија љубовта кон пишаниот збор, така да нив најмногу сум им благодарен. Немаше да се освестам во втора година, средно училиште кога одеднаш изгубив волја за учење, ако една професорка не ми ја кажеше вистината во очи. Таа ме освести и со тоа придонесе во ова што сум денеска. И благодарам за тоа. Поради ова сметам дека треба сите да бидат благодарни на своите наставници и професори. Искрено, многу ми е мило што просветните работници добија поддршка од родителите на децата, што е показател дека и тие ги разбираат нивните проблеми кои веќе долго време не се решени

Фактот што сите просветни работници штрајкуваа, покажува дека тие имаат сила да влијаат на ова општество. Вчерашниот штрајк треба да ги натера надлежните да размислат уште еднаш, дали ќе ги исполнат барањата на просветните работници или пак ќе дозволат ситуацијата да ескалира во генерален штрајк кој по моја претпоставка не би запрел се додека не се исполнат нивните барања. СОНК е решен да оди до крај, но е и подготвен да преговара со МОН. Владата, од друга страна пак според мене треба да има слух и да одговори на нивните барања, затоа што незадоволните просветни работници, произведуваат лоши кадри, а лошите кадри, државата ја носат кон дното, а не кон врвот. Еден пријател на Фејсбук напиша еден многу добар статус во кој вели дека: „никогаш не би дозволил да ме лечи незадоволен доктор и да ме учи незадоволен просветен работник“. Овој беше еден од најразумните, најпаметните и најточните статуси што ги прочитав на фејсбук, покрај сите оние навредливи и небулозни коментари, напишани од луѓе кои немаат допирна точка со образование, а се осудуваат да ги критикуваат просветните работници. Ало… луѓе, едноставно е, тоа што не го разбирате, не го критикувајте. Подобро е да си молчите, бидејќи на чевлар не можеш да му кажеш како да поправи чевли, така и на просветен работник не можеш да му кажеш нешто што е факт, дека не треба така да биде. Прво треба добро да се информираме и да се упатиме во некоја ситуација, а потоа да зборуваме.

Останува да видиме што ќе се случува понатаму. Знак прашалник е исходот од преговорите помеѓу СОНК и МОН. Сите се надеваат дека ќе се најде едно конечно решение кое ќе ги задоволи барањата на просветните работници.

Бобан Илијевски

Ставовите изразени во колумната во ниеден случај не ги претставуваат официјалните ставови на Порталот Работник