ЕкономијаМакедонија

СК: Домашното производство е клучно за една земја

Стопанска комора - Работник
109views

Кризата поврзана со корона вирусот ги покажа слабостите и ранливоста на сите економии во светот. Важни меѓународни финансиски институции проектираат економски пад во многу земји, поголем од оној што го видовме пред десетина години во периодот на глобалната финансиска криза. Во тој поглед, македонската економија не е исклучок. Поминуваме низ тешки моменти и нé очекуваат големи предизвици во иднина. Сепак, и покрај сé, мораме да истакнеме неколку работи.

Кризата покажа дека македонската економија не се предава лесно. Се покажа колку е важно да се има домашно производство. На пример, во ситуација кога цел свет се затвори самиот кон себе, кога се затворија границите и секоја земја го забрани извозот на медицинска опрема, средства за дезинфекција итн., сте се запрашале ли како ќе ни изгледаа животите ако земјава немаше домашна компанија, еден вистински фармацевтски гигант, да не’ спаси со своето производство? Или, како ќе изгледаа работите ако ги немавме текстилците? Тие се покажаа флексибилни, брзо реагираа, го пренаменија производството и почнаа да произведуваат заштитни маски за да се подмират потребите во земјава. Или, компаниите од прехранбената индустрија кои се потрудија на пазарот да има се’ што е потребно. Понатаму, транспортерите на чудесен начин, покрај сите практични проблеми на странските гранични премини, успеваат да ги донесат и однесат во странство потребните производи. Градежниците продолжија со работа колку што дозволуваат околностите, но се подготвени да ги реализираат капиталните инвестиции предвидени со државниот буџет и да бидат предводници во процесот на закрепнување на македонската економија кога за тоа ќе се создадат услови.

Понатаму, компаниите, како домашните, така и странските, во многу тешки околности одлучија во оваа фаза и сé додека имаат ресурси, да не отпуштаат работници. Да не заборавиме, во моментов, приватниот сектор и вработените во него, се делот од општеството врз чиј грб падна товарот од оваа економска криза.
И во најтешките моменти компаниите не ја заборавија пошироката заедница. На најразлични начини помогнаа и продолжуваат да помагаат, со финансиски средства, со набавка на неопходна медицинска опрема, со донирање на заштитни средства, на сите можни начини во рамки на своите можности.
И уште едно, многу важно сознание. Нашето искуство во Комората, од контактите со компаниите во целиот период од почетокот на кризава наваму, покажува дека компаниите сакаат нивното работење да биде во целост усогласено со прописите иако тие сега често се менуваат. Телефонските повици што ги добиваме се во најголем дел поврзани со таа определба, да се работи стриктно според прописите.

Сé се ова лекции за однесувањето на компаниите и на приватниот сектор на македонската економија во услови на невидена криза. Лекции што македонското општество не смее да ги заборави кога сето ова ќе заврши. Кризата покажа дека земјите со домашно производство можат полесно да се справат со предизвиците и да преживеат. Затоа, развојот на домашното производство и извозот треба на трајна основа да бидат врвен приоритет во домашните економски политики. За доброто на сите во земјава и за нејзината иднина.

Инаку, Стопанската комора од утре ќе почне со онлајн обуки за подобро искористување на мерките на Владата од страна на компаниите.

Извор: Стопанска комора на Македонија