Економија

СК: Унапредување на економската соработка помеѓу Македонија и Германија

   Време за читање 7 минути

Во рамки на серијата компаративни анализи за економскиот напредок на нашите клучни трговски партнери, во Стопанската комора на Македонија се одржа прес- конференција на тема: „ Kако максимално да се искористат капацитетите за соработка со Сојузна Република Германија, како наш најголем партнер во меѓународната трговија?“.

Претставувајќи ги податоците за надворешно-трговската размена со Сојузна Република Германија, д-р Елена Милевска Штрбевска, главен советник на Управниот одбор на Комората за правни прашања, посочи дека Сојузна Република Германија е многу важна земја за македонскиот извоз и се вбројува во традиционално најважните пазари за нашата земја. Во скоро сите години од осамостојувањето, Германија е на прво место според извозот на Македонија, при што во 2018 година учествува со 47% во вкупниот извоз, а истата динамика продолжува и во 2019 година. Набљудувано во релативни големини, учеството на размената со Германија во вкупната размена на Македонија со светот, во периодот од 2010 година па до денес перманентно постепено се зголемува и заклучно со 2018 година над ¼ од вкупната надворешно-трговска размена се одвива со оваа земја, или процентуално 26,9%.

Карактеристично за структурното учество на нашиот извоз е дека до 2010 година доминираат производите од пониско доходовните и трудоинтензивните гранки, од кои најголем дел од текстилната, кожарската и други сродни индустрии. Но, веќе од 2011 година во извозот кон Германија најголемо номинално учество заземаат средно и високо технолошки интензивните и повисоко доходовните гранки од делот на металургијата, електро и металната индустрија, прехранбената, хемиската и др., а особено како полуготови или готови производи со повисока додадена вредност.

Во набљудуваниот период, вкупниот увоз на Македонија го карактеризира побавна динамика на раст од извозот, што резултира со перманентен надворешно-трговски суфицит.

Д-р Елена Милевска Штрбевска истакна дека Сојузна Република Германија е стратешки економски партнер на Република Северна Македонија. Фактот дека во земјата успешно функционираат околу 200 компании со германски капитал, коишто вработуваат близу 20 илјади лица, сo трговска размена што изнесува над 4 милијарди САД долари, со реални изгледи таа да продолжи да расте, е навистина нешто што заслужува почит и внимание и дава оптимизам дека германските инвеститори имаат позитивни искуства од работата во земјава, што се гледа и од фактот што голем дел од нив покажуваат подготвеност повторно да инвестираат, но исто така, преку своите успешни приказни, се доволен мотив за привлекување и на нови инвеститори во земјава, со германски капитал.

Во насока на пораст на инвестициите, како и на производството и извозот, посочи Милевска Штрбевска, е и Иницијативата за спречување на масовната миграција на младото работоспособно население од земјава и решавање на проблемот со недостиг на квалификуван стручен кадар во согласност со потребите на бизнисот, која беше покрената од Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, токму на иницијатива на повеќе компании со германски капитал кои работат во земјава. Ова е прашање кое е еднакво важно, како за домашните компании, така и за странските инвеститори во земјава, а од особена важност е и фактот што сите овие компании дадоа и конкретни предлог-решенија на краток, долг и среден рок кои би требало да се преземат во наредниот период, за да може да се најде соодветно решение на наведените проблеми.

Д-р Елена Милевска Штрбевска, исто така, истакна дека значаен придонес во имплементацијата на едно од предложените долгорочни решенија за решавање на овој проблем – воведување на дуални принципи на образование во средните стручни училишта, даваат и самите компании со германски капитал, кои со своите лични примери на практична обука на учениците, овозможуваат позитивно придвижување на работите на овој план.

Од големо значење е продолжување и поттикнување на инфраструктурните инвестиции во енергетскиот сектор, продолжување на поддршката од финансиските институции од СР Германија (преку KFW развојната банка) во проекти со особена важност за квалитетот на животот на граѓаните, унапредување на активностите во рамки на формираниот Мешовит управувачки комитет меѓу владите на двете земји, како и понатамошно интензивирање на билатералната соработка и зголемување на бројот на развојни проекти планирани во иднина, особено на полето на: економскиот развој, вклучително и трансферот на технологии; животната средина; локалниот и регионалниот развој, истражувањето и иновациите.

Н.Е. Ото Граф, заменик-амбасадор во Амбасадата на Сојузна Република Германија во РС Македонија, истакна три значајни аспекти од соработката со нашата земја, а тоа се следните:

– Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија имаат заедничка деловна култура и слични идеи како треба да се унапредува соработката во поглед на производството, а доволен доказ за тоа е што германските компании имаат интерес да инвестираат во земјава, но и македонските граѓани сакаат да работат во Германија.

– Иако се работи за две земји различни по големина и економски перформанси и двете се соочуваат со заеднички предизвици, меѓу кои е и посочениот проблем со обезбедување квалификувана работна сила и заедничките напори за подигнување на јавната свест кај родителите и учениците за можностите за соодветна пристојна заработувачка не само со диплома за завршено високо образование, туку и со поседување на определени вештини кои се работат „со раце“.

– Двете земји се согласни дека современите трендови на работење, кои во себе ги вклучуваат и процесите на дигитализација, се прашања на кои треба интензивно да се соработува во наредниот период, а сето тоа во интерес на подобар економски напредок, поголема продуктивност, конкурентност и можност за создавање подобри услови за живот.

Германија е традиционално еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, односно прв трговски партнер во 2018 година со трговска размена од 4,3 милијарди САД $, која учествува со 26,9% во вкупната трговска размена на Македонија со светот и скоро 38% во рамките на ЕУ.

Како земја-членка на Европската унија и мотор на европското обединување, Германија е значаен партнер во процесот на европските и евроатлански аспирации на Република Северна Македонија (повеќе за анализата за потенцијалните можности за унапредување на стопанската соработка меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија на http://www.mchamber.mk//upload/Germanija-mk.pdf ).