КолумниНовости

Слабото практикување на колективното преговарање ги прави несигурни работните места во приватниот сектор

   Време за читање 2 минути

Автор: Бобан Илијевски

Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон патот на ЕУ интеграциите беше еден од најлошите коишто некогаш го добила земјата. Ова не е моја оценка, туку на експертите чија потесна област се политичките науки.

Извештајот потврди дека во Македонија корупцијата е распространета насекаде, криминалот е во полн ек и дека Собранието е крајно партизирано и политизирано. Укажа и на тоа дека „европското знаменце“ се злоупотребува за носење на закони кои немаат никаква врска со усогласувањето со регулативите на Европската унија.

Во ова писание не планирам да навлегувам во политиката, моите колеги веќе наголемо ги покрија сите тие, да кажам, негативности. Би сакал да се осврнам на мојата област – работните односи.

Иако во поглавјето 19 – Социјална политика и вработување не е сѐ црно како што е случај во голем дел од останатите поглавја, сепак и во овој дел Европската комисија имаше што да искритикува. Имено, Извештајот го потврди она што јас го зборувам и пишувам веќе четири години, а тоа е дека работничките права во приватниот сектор се загрозени и дека не се употребува доволно алатката колективно преговарање. Исто така, се истакнува дека и мерките за поттикнување на колективното преговарање и зајакнување на улогата на синдикатите и работодавачите во приватниот сектор не се доволни.

За да не испадне дека зборувам напамет, еве дел од извештајот кој се однесува на приватниот сектор.

„Бипартитниот социјален дијалог продолжува да се соочува со предизвици поради слабото усвојување и спроведување на колективните договори што влијае на правата на работниците и сигурноста на работните места. Мерките за охрабрување на колективното преговарање и зајакнување на улогата на социјалните партнери во приватниот сектор не се доволни“, се вели во Извештајот.

ЕК констатира и дека Државниот инспекторат за труд нема доволно инспектори за да се справи со предизвиците во работните односи, што значи дека потребно е да се вработат повеќе инспектори. Се потенцира и неспроведувањето на Законот за безбедност и здравје при работа, како и тоа дека државата треба да воведе систем за мониторирање на случаите со сексуално вознемирување на работните места.

Севкупно земено, државата има направено мал напредок во ова поле и тој не е доволен. На крајот на денот, не е ни е потребен извештај за да увидиме каква ни е состојбата во земјата, тоа можеме да го видиме со свои очи.  

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера